Согласно политиките и заложбите за осовременување на здравствениот сектор преку дигитализација, Министерството за Здравство ја презентираше „Мое Здравје“ – нова мобилна апликација која ќе им овозможи на сите граѓани да имаат лесен пристап и увид во личните здравствени податоци.
Апликацијата вклучува интерактивен пристап кон здравственото досие на секој корисник и дава можност да се има увид во дијагностичките анализи, упатите за специјалистички прегледи, вакцините и сертификатите за вакцинација и многу повеќе информации во форма на лично здравствено досие. Во рамки на ова дигитално решение ќе бидат овозможени и детални информации за сите извршени здравствени услуги. Пристап до апликацијата ќе има секое полнолетно лице со можност да врши увид и како родител/старател во податоците за малолетните лица за кое е одговорен.

На ваков начин, секој граѓанин ќе има можност за директен увид во податоците поврзани со личното здравје.
“Како министерство работиме и ги следиме современите текови и трендови во доменот на достапност на лични податоци поврзани со здравствените досиеја на граѓаните од нашата држава. Со ваков пристап се зголемува нивото на транспарентност и достапност до личните податоци поврзани со здравјето, како за медицинските лице, така и за пациентите“. – изјави д-р Фатмир Меџити, Министер за Здравство.
“Како надградба на постојната дигитална платформа “Мој термин“, изработивме модул со кој граѓаните ќе имаат можност да бидат во тек и да имаат постојан увид во личните здравствени досиеја. Во рамки на апликацијата, секој корисник ќе има можност да пристапи до широк опсег лични здравствени податоци и на таков начин да има максимален увид во сопственото здравствено досие“. – изјави Жаклина Чагороска, Проектен Координатор за „Мое Здравје“, Министерство за Здравство.

Апликацијата „Мое Здравје“ е бесплатна и за преземање од сите заинтересирани полнолетни граѓани на Република Северна Македонија достапна е за “Android” или “iOS” оперативни системи.












