Презентирана изложбата на фотопортрети и книгата„И јас сум тука“

Фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера“ ја презентираше изложбата на фотопортрети „И јас сум тука“, која беше отворена во Скопје. Во изложбата се вклучени 20 лица со посебни потреби од повеќе градови од Македонија на различна возраст, а портретите се придружени и од приказни посветени на нив. Автор на фотографиите е Тоше Огњанов, а на приказните – Сребра Ѓорѓијевска.

„И јас сум тука“ е дел од проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“, чиј иницијатор е театарот „Глада Худик“ од Худиксвал, Шведска, со поддршка на Шведскиот институт. Ова е проект кој во Шведска од 2014 година дал одлични резултати во борбата против предрасудите, а во Македонија се спроведува од 2020 година. Здружението „Солем“ преку разни активности се вклучи во проектот за што повеќе деца во земјава да бидат опфатени. 

На отворањето на изложбата се обрати амбасадорката на Шведска во Македонија.

„И јас сум тука“ е едно големо патување и за нас. Се роди од потребата да зборуваме гласно за луѓето што се меѓу нас, а кои понекогаш се правиме дека не ги гледаме, ниту сакаме да ги слушнеме. Да зборуваме гласно и без грутка во грлото за луѓето што само сакаат да бидат поздравени, почитувани, сакани, да бидат дел од целото. „И јас сум тука“ е можеби многу поважно патување за сите нас да се свртиме кон себе и кон другиот, да го погледнеме другиот и да му ја почувствуваме душата, која многу често е повредувана. Предрасудите лесно се создаваат, а тешко се надминуваат“ – велат авторите. 

По отворањето на изложбата беше прикажан документарниот филм „Модна ревија: Од ’Глада Худик‘ до Њујорк“ во режија на Јохан Ског. Станува збор за популарен филм во Шведска во кој учествуваат актерите од театарот „Глада Худик“, на кои им се остварува животниот сон да учествуваат на модна ревија во Њујорк. Сценариото е на Терезе Брингхолм, Лиа Сидерштром, Јохан Ског. Улогите ги толкуваат: Ема Ертлунд, Никлас Хилберт, Пер Јохансон, Ида Јохансон, Аника Гранлунд Јонсон и др.  Следниот де беше промовирана и книгата „И јас сум тука“. Гостинка на настанот беше Ануки Стуруа, а модератор на промоцијата Александра Јуруковска. На настанот беше промовиран и македонскиот превод на „Не престанувајте да се гушкате“ од Оса Емрот, книга со цитати на актерите од театарот „Глада Худик“ од Шведска.

 

Неда Маретиќ

Сподели