Во ликовната галерија во Домот на културата “Марко Цепенков” во Прилеп, беше отворена изложбата “Повторна средба” нa Анита Јовеска Сот. Изложбата ја отвори историчарот на уметност Викторија Димеска, која истакна дека делата пренесуваат енергичност што длабоко проникнува во нескротливата природа на ликовите, кои се жедни за живост и динамичност.

Уметницата Анита Сот, изјави дека жената како инспирација е присутна во сите околу нас, моќна и силна, секоја различна и своја. Уметникот низ ликовите ни открива една мистерија преку нивниот поглед и вешто не носи пред огледало, на повторна средба со себе, во една друга димензија и време, покажувајќи ни друго ЈАС. Низ творештвото Анита Сот ја искажува лирично и раскошно својата суштинска и автентична потреба за создавање.
Анита Јовеска Сот е академиски сликар, родена во Прилеп. Таа завршила на Националната Академија за уметност во Софија, Р. Бугарија во 2008 година, на отсекот за плакат и визуелни комуникации.

Има изложувано на многу групни изложби и ликовни колонии низ Македонија и странство, како и дела во приватни колекции и галерии во Германија, Холандија и Италија. Активен и постојан член на ДЛУП. работи како професор по ликовна уметност.
Оваа изложба е трета самостојна изложба за Јовеска Сот и ќе биде отворена до 7-ми јуни.












