Во галеријата на домот на културата „Иван Мазов – Климе“ во Кавадарци беше отворена самостојната изложба на ликовниот уметник од Битола, Благојче Петровски под наслов „Поема на атомите“ која е инспирирана од стиховите на една песна од поезијата на познатиот поет и мистик од 13. век Руми.

На присутните им се обрати и директорката на домот на културата во Кавадарци, Јулијана Туриманџова. Авторот истакнува дека делата не се целосно врзани за мистицизмот на Руми, туку се интерпретација на неговото лично доживување , визуелно откривајќи ги мистичните предели на горна Месопотамија и Анадолија, како импресија од неговата неодамнешна посета на тие простори. На изложените четириесетина дела авторот културно врзувајќи го ова свое лично искуство и преплетувајќи го со македонскиот бит и традиција и дава на изложбата една покомплексна и повозвишена димензија делејќи ги сликите во повеќе циклуси – Месопотамија, Вода, Изгрев и Излез.

Благојче Петровски е роден во Битола. Сликарски твори последните триесетина години, најмногу во сферата на иконографијата и во сферата на сопствените размислувања и интерпретации на темите, естетиката и импресиите на повеќеслојните состојби во кои постои. Учесник е на повеќе самостојни и групни изложби во Македонија и надвор од земјата од периодот од 1997 па се до денес. Беше дел од групата која го сликаше прекрасниот фрескоживопис на црквата СВ. Димитрија во Кавадарци .

За изложбата: “Во време кога врз Вавилонската кула веќе е започната сериозна бетонска надградба, Благојче Петровски повторно ни ја поставува, предочува, просветлува молитвата на Руми за Танцот на атомите и тоа не како денешна загриженост, предупредување, замисленост, туку како чист јасен, искрен и директен сликарски патоказ.“
Интересно е да се напомене дека делата на Болагојче Петровски за прв пат беа изложени на 10. декември во галеријата „Ко-ра“ во Скопје во рамките на заедничкиот настан со оперската пејачка Биљана Бајевска посветен на арии и дуети од операта „Травијата“. До 21. декември делата ќе бидат изложени во Кавадарци.Во Битола делата ќе бидат презентирани на 10 -ти јануари.












