Фестивалот на алтернативна фотографија „Зрно“, кој своето прво издание го имаше минатата година, беше презентиран и во Битола. Избрани се околу 120 дела на отворениот повик, кои беа изложени прво во „Мала станица“во Скопје, а потоа и во изложбениот простор на Офицерскиот дом.

Како единствен фестивал во регионов и меѓу ретките во светот што ги негува благородните фотографски техники и има висок естетски стандард, „Зрно“ на отворениот повик за дела привлече алтернативни фотографии од околу триесет земји од светот, од сите континенти.
Селекцијата ја правеше осумчлено меѓународно жири: Ивана Томановиќ од Академијата за уметности од Нови Сад, Наталија Копкина од финскиот институт „Dark Chamber“, Емил Киндлејн од „Analogmania“ (Тимишвар/Виена), Дино Рекановиќ од Фестивалот „Ротлихт“ во Виена, Стиг Марлон Вестон, алтернативен фотограф од Осло, Сашо Алушевски, претставник на фестивалот „Зрно“, како и младите фотографи Бруно Валенца од Сао Паоло и Емилија Сандиќ од Академијата за уметности во Нови Сад.

Зрно е и фестивал кој ја слави фотографијата, во сите нејзини игриви облици. Зрно е иницијатива на неколку фото ентузијасти, кои сакаат да ја слават алтернативната фотографија, старите процеси во фотографијата и нејзината незаменлива убавина. Зрно сака да ја разигра домашната сцена и да го испровоцира светот. Да го натера да успори, да промисли. Да допре. Да прифати игра, да се отвори за „грешките“. Да се насмее. Да се реобмисли себе. Да дише.

Во рамките на фестивалот се одржуваат и работилници во селото Цапари, како и заедничка изложба на Шпанецот Жозеф Марија Рибас Прус и Романецот Дамијан Дијаконеску во скопски КИЦ. Програмата „Зрна 2023“ ќе заврши со изложба на дел од делата што ќе бидат создадени на работилниците.












