Презентиран проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк”

0
370

Проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк” на фондацијата Метаморфозис во партнерство со Евротинк, денеска беше презентиран во Битола. Претставници на невладини организации и медиуми на инфо сесијата организирана во Младинскиот културен центар Битола имаа можност да се запознаат со основните цели и предвидените активности на проектот преку кој треба да се промовира медиумската писменост како основа за зачувување на правото на граѓаните да имаат различни мислења, преку стимулирање на култура за критичко размислување, плурализам на мислења и демократски вредности. Проектот предвидува доделување на 8 грантови во износ од 5.000 до 7.000 евра.

“Намерата е да се поттикне културата на критичко размислување преку едукација на општата јавност за штетните ефекти на медиумските манипулации врз демократијата и европските вредности. Да се зголеми капацитетот на граѓанските организации и медиумите да се справуваат со медиумските манипулации, вклучувајќи и говор на омраза преку подобрување на медиумската писменост во содејство со државните институции. Исто така да се зголеми побарувачката од граѓаните за поголема отчетност и одговорност на медиумите преку јавно неформално образование, промоција на професионалните стандари и меѓународите практики за заштита на слободите на мислење и изразување.”-вели Горан Лазаров, проектен координатор на Евротинк.

Преку проектните активности треба да се подигне свеста кај граѓаните да имаат активен пристап кон медиумите односно да ги проверуваат информациите и изворите од каде тие доаѓаат.

Медиумската неписменост е глобален проблем, на кој кај нас треба да се влијае и преку вакви активности.

Евротинк планира и истражувања на нивото на медиумска писменост пред се помеѓу средношколците. За да може активностите да се приближат до младата популација предвидена е и изработка на мобилна апликација.

Инаку, проектот е финансиран од Европската Унија.