Премиера на документарната претстава ЖЕНИ во Интимен театар

Во сабота (20-ти ноември) во 21 часот ќе се одржи премиерата на претставата „Жени“ во Интимен театар во Битола. Претставата е во режија на Софија Ристевска Петрушева, а е работена по документарни материјали. Во неа учествуваат Катерина Петровска, Јоланта Дафовска, Јасмина Костандинова и Валентин Дамчевски.

Интимниот Театар ја продолжува својата поредица од документарни претстави, во кои што играат жени што зборуваат за своите животи, а во исто време го користат театарот како алатка за подигање на квалитетот на нивното секојдневно живеење. 

„Нашиот театар овај пат ја отвори својата сцена за три прекрасни жени кои се поврзани помеѓу себе со две важни теми, и тоа пензионирањето од една, и ракот на дојка од друга страна. Нивната храброст да зборуваат дирекно и отворено за важни за нив теми и проблеми е фасцинантна, а нивната желба за живот е охрабрувачка и мотивирачка“, истакна Ристевска и додаде:Отварање на ваков тип на платформи, што нудат учество и на локалното население во современиот театар, се многу актуелни во Европа во овај момент, затоа што даваат шанса за изразување на мислења и од страна на обичниот граѓанин, даваат можност за отварање на многу важни дискусии на конкретни теми, а од друга страна театарот се користи како полезна алатка за зголемување на  квалитетот на живот, на секој што учествува во неговото создавање“.

Интимен Театар е местото во Битола што дава можност за артистично изразување како на уметниците, така и на граѓаните од нашата локална заедница. Покрај премиерата, во вторник (23-ти ноември) во 20 часот, ќе има и реприза на претставата.

Сподели