Преспанските овоштари денеска протестираа кај Макази, на регионалниот пат – Битола Ресен и побараа итна исплата на надоместокот за предизвикана штета од невреме врз овошните насади од 2016 година, дел од 2017 година и 2018 година во висина од 4,5 милиони евра. Дадоа рок до 29 август, во спротивно најавуваат Преспански марш.
-Го повикуваме премиерот и министерот за финансии да постапат по одлуката донесена на последната владина седница, исплатата да биде во најкраток можен рок. Крајниот рок е 29 август, во спротивно ние сме приморани да продолжиме со нашите протести. Во краен случај ако не наидеме на слух ќе продолжиме со Преспански марш, од Ресен до Скопје ќе одиме со механизација, вели Љубе Пампулевски, претседател на Здружението на овоштари Благој Котларовски Ресен.
Бараат и да им се исплатат штетите од минатата година, но и зелената нафта. Без овие средства велат, нема да се во можност да ја започнат бербата на јаболка во септември. Бараат од владата да биде поажурна во исплатата.
-Овие денови пресметав дека најголем должник ми е државата, ако и е законска обврска до одреден рок да ги префрли парите, да го направи тоа, да не мораме за секое барање да протестираме, вели производител на јаболка од Преспа.
-Трошоците многу се зголемија, препаратите, дневниците за работниците, вели производител на јаболка од Преспа.
-Нас треба државата да ни обезбеди пласман, 30 години немаме договори со никоја држава за пласман. Ако се реши пласманот како што се реши во Србија и други држави, тогаш нема да имаме потреба од протести, од субвенции. Се што се дава е во ред, но тоа е социјална помош за нас, вели производител на јаболка од Преспа.
Оваа година од невреме беа зафатени 400-500 хектари овошни насади, а останатиот дел имало добар квалитет. Но за да нема вакви проблеми, овоштарите велат дека е потребно да се изработи стратегија за наредните 15 години.












