Прилеп се подготвува за карневалот „Прочка 2018“

0
348

Општината Прилеп, како организатор на меѓународниот карневал „Прочка 2018“, кој годинава ќе го има своето 17-то издание, ги прави последните подготовки за одржувањето на оваа значајна манифестација.Според најавите, на 17 февруари ќе се одржи Детскиот карневал за учесници до 14 години, на кој се очекува учество на ученици од основните училишта од Прилеп со групни маски проследени со соодветна кореографија и музика.Меѓународната поворка за возрасни ќе се одржи на 18 февруари, каде што се планира и учеството на групите од средните училишта.
Значаен дел претставува изложбата на маски, која ќе биде отворена на 16 февруари во НУЦК „Марко Цепенков“. На оваа изложба ќе учествуваат сите основни и средни училишта со свои креации претходно селектирани од наставниците по ликовна уметност.

Од општината Прилеп велат дека очекуваат над 1.000 учесници и гости од повеќе држави, а пријавувањето сѐ уште е во тек.Досега интерес пројавиле групи од Македонија и од градовите од соседните држави меѓу кои Будва, Бања Ковиљача, Врњачка Бања, Лесковац, Белград, Бол, Шабац, Бела Црква, Корча, Перник, Мокриево, Куратица, Бегниште, Кавадарци, Ратево, Струмица, Радовиш и други.

Карневалот всушност се одржува ден, пред почетокот на велигденските пости во православната христијанска вера. Оттука и традицијата негувана со децении е вградена во овој туристички настан. Така на првиот ден по „Прочка“ поточно верскиот празник „Проштени поклади“, во понеделникот во манастирот „Свети Ѓорѓија“, здружението „Прилепски мечкари“ организираат ручек со посен грав.

Во прилепската традиција се негуваат сè уште семејните вечери на „Проштени поклади“, кога младите одат на гости и бараат прошка од повозрасните.

А, маскирањето на „Проштени поклади“ и пред Прилеп да ја добие титулата „карневалски град“ има своја богата традиција на овие простори. Речиси сите дечиња се подготуваат за овој ден, родителите им шијат облеки, купуваат маски, имаат посебен мејк – ап, подготвуваат перформански за одредени ликови од приказните, од филмовите… Кон оваа традиција сè повеќе се приклучуваа и возрасните. Така што денес „Прочка“ е всушност празнување во градот, кое што има своја туристичка димензија.