Пристигнаа 20 илјади дози Спутник В донација од Србија

Денеска пристигнаа 20.000 вакцини „Спутник В“, донација од Србија. Со ова обезбеден е континуитет на процесот на вакцинација со можност за проширување на групите кои ќе бидат опфатени со имунизацијата, рече премиерот Зоран Заев.
„Голема благодарност до Република Србија, до претседателот Вучиќ и премиерката Брнабиќ за оваа втора донација од вкупно 40.000 вакцини. Вториот дел вакцини од компонентата 2, ќе бидат испорачани во наредниот период“ рече Заев.
Освен здравствени домови во државата во кои е започната вакцинацијата, подготвена е и салата „Борис Трајковски“, а се подготвуваат и други објекти за да тече без прекин имунизацијата.

Ова е втора донација од Србија, откако претходно ни донираше и 8 000 вакцини од компанијата „Фајзер“.

Со донацијата, рече Филипче, ќе се овозможи континуитет во вакцинацијата додека да пристигнат вакцините што земјава ги има нарачано. Дел од нив ќе се искористат за вакцинација на возрасното население, дел за критичните групи вработени во државната инфраструктура.

„Сега кога веќе се достапни во нашата земја и овие вакцини, претходните околу 5 000 преостанти од ‘Астра Зеника’ ги вклучуваме во веќе постојниот систем, којшто процес на имунизација ширум здравствените домови добро се спроведува за да се дополни бројката на постарите граѓани кои се веќе пријавени, со тоа што се проширува сега и возрасната група. Вакцините на ‘Спутник В’ ќе бидат во еден дел да се надополнат уште повеќе овие критични категории на граѓани, но и за почеток на оние категории кои веќе ги најавивме (вработени во критичната државна инфраструктура)“, рече Филипче.

Заев и Филипче се заблагодарија на државниот врв на Србија, претседателот Александар Вучиќ, премиерката Ана Брнабиќ и министерот за здравство Златибор Лончар.

Сподели