Пристигна првата пратка од руската вакцина Спутник

Првата пратка од 3.000 вакцини „Спутник V“ кои Министерството за здравство ги купи пристигнаа во Македонија преку компанијата „ДХЛ“, a донесена со авион на „Ер Србија“

„Денеска ја добивме и првата пратка од руските вакцини “Спутник V”. Ова е прва количина од 3.000 дози со којашто ќе обезбедиме континуитет на процесот на имунизација којшто е веќе започнат. Вкупно нарачани се 200.000 дози, а овие вакцини се различни во делот на вакцинација и ревакцинација, што значи дека сите овие 3.000 дози ќе се користат за прва вакцина. Со оваа вакцина ќе се вакцинираат повозрасни граѓани со хронични заболувања и постарите граѓани во делот на старечките домови. Голема благодарност до амбасадорот Баздникин за неговиот личен ангажман во тоа да овие количини во нашата земја пристигнат што побрзо“ рече министерот на задравство Венко Филипче.
Имунизацијата ќе продоложи да се одвива согласно Националната стратегија за имунизација објасни министерот Филипче. Вакцината од производителот „Спутник V” се чува на -20 степени, а истата е сместена во Поликлиниката Јане Сандански во Скопје.

„Станува збор за замрзнат раствор, тоа значи дека за разлика од фајзеровата вакцина којашто се раствараше и од една вијала се вадеа шест дози ова е една вијала за од 0.5мл за еден корисник на вакцината. Во однос на вакцинацијата има упатство за претпазливост само кај трудници и доилки и никаква друга контраиндикација, значи продолжуваме со Националниот план кадешто најстарите граѓани со хронични болести и тоа што денеска и вчера работеа претставниците на нашиот тим којшто го изготвуваше планот, веројатно дека ќе бидат луѓето сместени во старечките домови. Сите тие со хронични заболувања ќе бидат известени преку своите матични лекари да дојдат до пунктовите коишто ќе бидат најблиску до местото на живеење, а во делот на старечките домови ќе се спроведе таму во домовите кајшто се старите лица сместени“  изјави министерот.

 

Рускиот амбасадор рече дека вакцината ќе придонесе за спасување човечки животи и за враќање на македонската економија на траекторијата на раст.

„Ние секогаш сме подготвени да им помогнеме на македонските граѓани со кои уживаме во вековните традиции на пријателство и споделуваме заеднички вредности“, рече рускиот амбасадор.

Амбасадорот Баздникин рече дека вакцината „Спутник V” е безбедна и ефикасна и истакна дека вакцината ќе биде вредно оружје во борба против ковид пандемијата.
„Со Република Северна Македонија, вакцината е регистрирана во 46 земји во светот, вклучувајќи неколку држави во ЕУ. Сега е во тек во забрзана постапка во Европска Агенција за Лекови за да ја испитува делотворноста на вакцината врз основа на резултати од досегашите лабораториски испитувања и истражувања. Во СЗО се разгледува барањето за „Спутник V” да се вклучи во листата на лекови одобрени од СЗО да се користи во вонредни ситуации “ рече тој.

Сподели