Проверете ја даночната пријава добиена на мејлот

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

По трката за регистрација на е-Персонален данок, граѓаните сега се во трка електронски да ги потврдат или коригираат податоците содржани во пополнетата даночна пријава која до нив ја достави Управата за јавни приходи (УЈП). Оваа обврска за граѓаните завршува на 31 мај по кој датум напишаното во пријавата се смета како точно.

Граѓаните преку својот е мејл на е-Персонален данок можат да ги извршат корекциите на добиената даночна пријава и тоа доколку податоците не се совпаѓаат со вкупните приходи, износот на искористените одбитоци и платените аконтации на персоналниот данок на доход.

Оваа операција за граѓаните треба да биде лесна бидејќи според последните препораки, фирмите кои им исплаќаат плата, хонорар или друг износ на пари за кои се плаќа персонален доход со исплатата на месечно ниво се задолжени да им достават и потврди во кои се наведени износите на приходите, износот на признаените трошоци и персоналниот данок кои им биле платени во текот на 2018 година.

Она што треба да се направи е да се отвори е-Персонален данок, да се внесе лозинката и е мејл со кој сте регистрирани и да го проверите она што е напишано во даночната пријава.

Во неа покрај основните податоци кои се поместени во првиот дел има податоци и за остварените приходи и платените придонеси.

Во првата колона е искажан видот на остварениот приход, во втората колона е искажан бруто износот на приходот, во третата колона е искажан вкупниот износ на платени придонеси од задолжително социјално осигурување и признаените трошоци при пресметувањето на аконтациите на персоналниот данок на доход, во четвртата колона е искажан вкупниот износ на пресметан персонален данок на доход, а во петтата колона е искажан вкупниот износ на платен персонален данок на доход во текот на даночниот период.

За секој вид на приход пополнети се податоците за остварените бруто износи на приходи, вкупниот износ на платени придонеси и признаените трошоци како и вкупниот износ на пресметаниот и платениот персонален данок на доход.

Обврска за плаќање персонален данок од доход имаат граѓаните кои во земјата и странство во текот на годината оствариле приходи по основ на плата, или приходи од издавање под закуп на станбен објект (кирија) или оствариле хонорар по основ на авторски договор, понатаму учествувале во наградна игра и оствариле добивка над 5.000 денари или пак оствариле добивка од посебни игри на среќа (во казино, во обложувалница, во автомат клуб).

Даночната стапка по која се пресметува персоналниот данок е 10 отсто.

Управата за јавни приходи годинава прв пат до граѓаните доставува претпополнети Годишни даночни пријави за 2018 година по електронски пат, како дел од реформата за поедноставување на процедурите за пресметување и пријавување на персонален данок на доход.

plusinfo.mk

Share.