Руските сили денеска повторно го нападнаа јужниот дел на украинскиот регион Миколајев со беспилотни летала камикази, објави украинската војска. Повеќе од една недела воздушни напади уништија речиси една третина од електричните централи во Украина и ја прекинаа електричната енергија во повеќе од 1.000 градови и населени места.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето ноќно синоќешно обраќање рече дека руските воздушни напади во изминатата недела уништиле 30 отсто од електраните во Украина.
Новиот командант на руските сили во Украина ги призна тешкотиите со кои се соочуваат руските сили на теренот.
„Ситуацијата во областа на ‘специјалната воена операција’ може да се опише како напната“, изјави генерал Сергеј Суровикин за државната телевизија Росија 24 во денешното интервју.
„Непријателот континуирано се обидува да ги нападне позициите на руските сили“, рече тој.
Тој исто така кажа дека руската армија се подготвува да ги евакуира цивилите од јужниот украински град Херсон, окупиран од Москва. Херсон се наоѓа во еден од четирите украински региони нелегално анектирани од Русија пред три недели.












