Во концертната сала на музичкото училиште во Битола се одржа концерт по повод посетата од ученици и наставници од музичкото училиште “Стеван Мокрањац” Пожаревац, Р.Србија. Битолското училиште го посетија 35 ученици и наставници од училиштето во Србија.
Благодарение на неодамнешниот проект на RYCO (Рајко) Супер училишта, кој претставуваше соработка и размена на ученици во земјите од Западен Балкан, меѓу кои и Државното музичко училиште од Битола и музичкото училиште “Стеван Мокрањац” од Р.Србија, во месец мај, при посетата на училиштето од Битола во Пожаревац, потпишан е Меморандум за соработка и збратимување на двете училишта.

Музичкиот настан во Битола претставуваше топло добредојде за гостите од Србија и надеж за повторни средби и професионална соработка во секоја можна прилика во иднина.
Пред бројната публика со свој говор се обрати директорот на училиштето, Кирил Стојчевски, кој изрази восхит и голема благодарност кон музичкото училиште од Пожаревац, за тоа што во овие тешки времиња за цел свет, смогнаа сили и како вистински пријатели повторно ги удостоија со нивното присуство. Проектот придонесува за зголемување на вештините и знаењето на младите луѓе од Западен Балкан преку унапредување на образовните системи и промовирање на соработката во регионот, преку воспоставување регионална шема за размена на училишта.












