Во периодот од 6-14 декември, Националниот музеј на романската литература во Букурешт ќе ја отвори изложбата на македонскиот уметник проф. Лазе Трипков, под наслов „Македонска глаголица“. Изложбата ќе биде дел од манифестацијата „Ден на македонскиот јазик“ и ќе се одржи на 8 декември, кога ќе се одбележи и 80-годишнината од официјализирањето на македонскиот јазик во Романија. Ова чествување започна во 2018 година и е поддржано од законот бр. 214, на предлог на тогашната претставничка на македонското малцинство во Романскиот парламент, г-ѓа Марија Венера Попеску.
Проектот „Македонска глаголица – Виртуелни експресии“ комбинира виртуелна реалност, плакат и македонска глаголица, поврзувајќи ги во интерактивна 360-степенска виртуелна димензија. Ова истражување, дел од докторските студии на проф. Трипков на Универзитетот Јан Евангелиста во Чешка, има за цел да ја прикаже функционалноста на уметноста во новите технолошки процеси. Проектот исто така истражува улогата на виртуелната реалност како водечки медиум во уметноста и дизајнот, и врската со традиционалната македонска глаголичка писменост.
Лазе Трипков е графички дизајнер, професор и истражувач, кој работи како професор по визуелна комуникација и графички дизајн на Меѓународниот балкански универзитет во Скопје. Неговата работа се протега од виртуелната реалност и медиумска уметност до дизајн на интерактивни инсталации. Трипков има освоено престижни награди и изложувал на над 75 групни изложби ширум светот, со фокус на симболите и иконографијата на Балканот.
,,Изложбата „Македонска глаголица“ е креативен и научен проект кој ја истражува врската помеѓу уметноста и новите технологии, покажувајќи како традиционалните уметнички форми може да се интегрираат во современите виртуелни светови.” – вели Лазе Трипков.











