„Деконструкција на празнината“ е нова книга раскази напишана од универзитетскиот професор Даниела Андоновска-Трајковска. Книгата е во издание на Центарот за култура и културолошки студии.
Во истата се застапени 57 раскази, поделени во седум циклуси: Деконструкција на танатосот, Деконструкција на празнината, Деконструкција на дијалогот, Деконструкција на домот, Деконструкција на живиот текст, Деконструкција на поезијата и Деконструкција на поезисот.

Книгата во Офицерскиот дом ја промовираа Мишел Павловски и Борче Панов.Презентација на делови од книгата модерираше Билјана Граматковски, а за публиката беше понуден и музички дел во изведба на Горјана Стојановска.
Неодамна Даниела Андоновска-Трајковска на Светскиот поетски фестивал во Крајова, Романија, го доби Златниот медал за заслуги во областа на културата во национални и меѓународни рамки,како и реномираната поетска награда, „Михаи Еминеску“ за 2023 година, што ја доделува истоимената меѓународна академија на чело со универзитетскиот професор д-р Јон Деаконеску и Европската академија на науките, уметностите и хуманистичките науки. Беше прогласена и за амбасадор на културата.

Даниела Андоновска-Трајковска (1979, Битола) е македонска поетеса, прозаистка, книжевна критичарка, доктор на науки по педагогија во областа на методиките и редовен професор по методика од областа на јазикот и литературата на Педагошкиот факултет – Битола. Член е на: Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ), Славјанската литературна и уметничка академија со седиште во Варна, Битолскиот книжевен круг (БКК) и Македонското научно друштво (МНД) – Битола каде во два мандата била претседател на Уредувачкиот совет. Главен уредник е на книжевните списанија „Раст“ (БКК) и „Современи дијалози“ (МНД).












