Промовиран европски грант од 260.000 евра за развој на Националниот парк Пелистер

0
1557

Амбасадорот Самуел Жбогар, шеф на Делегацијата на Европската Унија, заедно со министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураки, постојаниот претставник на УНДП, Луиза Винтон, и градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, денеска го одбележаа почетокот на проектот за подобрување на управувањето со Националниот парк Пелистер. Овој проект од 260.000 евра ќе помогне во подобрување на противпожарните капацитети на Националниот парк Пелистер, развивање програма за следење на живеалиштата и видовите, како и на арборетумот на локалната ендемична флора.

Овој настан е дел од кампањата „ЕУ за тебе!“, чија цел е да се подигне свеста и да се информира јавноста за поддршката на ЕУ во земјата. Исто така, ја означува и Европската година на културно наследство 2018.

„Веруваме дека овој проект ќе помогне да се заштити богатиот биодиверзитет на земјата и заштитените подрачја истовремено подобрувајќи ги и животите на луѓето. Европската унија продолжува да и помага на земјата во градењето на подобра иднина за нејзините граѓани“, изјави амбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар.

Националниот парк Пелистер е еден од осумте апликантите од големи заштитени области што добија грантови во рамките на проект финансиран од ЕУ наменет за заштита на богатиот биодиверзитет и природните области на земјата, а истовремено и за подобрување на животот на луѓето.

„Од овој проект очекуваме да помогне во препознавање на социјалните и економските придобивки што произлегуваат од заштитата и поодржливото управување со природните ресурси во заштитените подрачја, а истовремено да ги зголеми капацитетите на локалните самоуправи и граѓански организации за управување и промовирање на заштитените подрачја на професионален и одржлив начин“, изјави министерот Дураки.

Проектот опфаќа и изградба на 12-километарска патека за пешачење и 50-километарска велосипедска патека, што ќе придонесе за промоција на паркот и за развој на туризмот во оваа област.


„Земјата е полна со чудесни природни богатства, но за жал многу од заштитените подрачја се заштитени само на хартија. Наша заедничка цел е да почнеме да ги претвораме ветувањата во реалност, да ја зачуваме животната средина за идните генерации“, изјави Луиза Винтон, Постојана претставничка на УНДП.


Преку Програмата, финансирана од ЕУ, ќе бидат доделени осум грантови, секој во висина од 200.000 ДО 400.000 ЕВРА.