Промоција на книгата „Различни, а сепак исти“

0
1890

Со звукот на виолината на Ана Божиновска и говорот на модераторот и преведувач Сибела Алимовска, во малата сала на Центарот за култура во Битола, беше одржана промоцијата на книгата „Различни, а сепак исти“ на младите авторки Бесјона Јусуфи и Ангела Пандовска, ученички во прва година во гимназијата „Јосип Броз Тито“ – Битола. Се работи за двојазична книга напишана  на македонски и албански јазик.

Промотор, а воедно и рецензент беше професорката по Македонски јазик и литература,  Соња Живковиќ-Ѓоргиевска,  која меѓу другото рече дека со задоволство ја промовира оваа, по многу нешта специфична книга на двете млади девојки кои сакаат да припаѓаат на модерното време, без предрасуди, во кои има многу позитивни чувства, посочувајќи дека оваа мала книга има тежина, така што читателот може да ја вкуси приказната за две девојчиња кои имаат различни карактери, но имаат нешто заедничко … љубовта.

На двете ова им е втора, но овојпат заедничка книга.

Бесјона Јусуфи минатата година ја објави својата книга со поезија и проза „Стиховите ме потсетуваат“, а Ангела Пандовска исто така минатата година ја објави својата книга „Животот на една девојка“.

Ангела и Бесјона со ова дело, го кршат мразот на дискриминацијата, предрасудите, стереотипитете меѓу две нации и различни религии.

На промоцијата професорката Линдита Јусуфи, зборуваше за космополитизмот во Битола, без оглед на нацијата и религиозната различност.