ТЕРА

REKLAMA???

ПРОТЕСТ ПРОТИВ ЗАКОНИТЕ ЗА РОДОВА ЕДНАКВОСТ И ЗА МАТИЧНА ЕВИДЕНЦИЈА

„Здрави деца, здраво општество“, „Само момче може да порасне во маж“, „Да, за мама и тато, а не за родител 1 и родител 2“, „Вера, традиција, семејство“, „Жена – возрасно лице од женски пол“, беа дел од паролите на сенародниот собир против законите за родова еднаквост и за матична евиденција што се одржа синоќа во дворот на храмот „Св. Климент Охридски“.

Главните пораки ги упати архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан, кој соопшти дека се тука за да кажат „да“ на животот,  за светоста на семејството ‒ оформено од еден маж и една жена, за одбрана на децата од, како што рече, неприфатливи и наградувачки нови идеологии. Соопшти дека се свесни за плановите, намерите и желбите на организации и движења кои, како што рече, до таа мера зајакнаа во нашето општество што, некои од нив, навлегоа во државните институции, та и закони ни пишуваат!

– Закони, токму како оние два несреќни закона за родова еднаквост и за матична евиденција, кои насила и спротивно на нашата волја не само целат да ја секуларизираат Црквата, туку и да ја присилат да зборува и да се изразува со јазикот на некаков си светски поредок кој им е туѓ на словото и на духот на Апостолите, на светите отци и на Светото Евангелие, рече г. г. Стефан.

Поглаварот на МПЦ потсети на реформите во образовниот систем и кои, како што рече, галопирајќи трасираат пат за таканареченото родово сензитивно образование, кое треба да кулминира со сеопфатно сексуално образование.

-Во нашите училишта без согласност на родителите се делат наставни листови кои промовираат хомосексуалност и истополови бракови… Апелираме да престане унакажувањето на образовниот систем со родова идеологија и со сексуализација на нашите најмлади, да престане крајно неприфатливото лишување на родителите од нивните родителски права и на децата од нивното детство. И, конечно, до кога нашите деца ќе учат од учебници чии што содржини се диктирани од туѓи држави и од туѓи центри? А што да се каже за веронауката во нашето образование?! ‒ Дваесетина години се потценети и предметот, и предавачите, и Црквата со верските заедници и сите ние, нагласи г. г. Стефан. 

Тој се осврна на значењето на Црквата, верата, жената и нејзините права, мајчинството… – Велат дека ќе ја ослободат жената од стегите на Црквата и од прангите на патријархатот, а во реалност ја сведуваат на поткатегорија, изедначувајќи ја со мажи, кои никогаш нема да бидат жени во вистинската смисла на зборот, и токму на тој начин му даваат легитимитет на насилството врз жената, рече поглаварот на МПЦ. 

-Затоа, возљубени присутни ‒ чеда на Македонската православна црква, на Католичката црква, на протестантските цркви и на Еврејската заедница, ве замолувам вас и сите луѓе со добра волја, непоколебливо да опстојуваме во нашата праведна борба за одбрана на семејството и за запазување на ликот Божји во човекот. ‒ Дај Боже да опстоиме, за да постоиме!, потенцира архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан.

МИА