Нашиот битолчанец Горан Мицевски, кого јавноста најмногу го препознава како фронтмен и тромбонист на бендот Brass Brothers, неодамна на публиката и подари уште едно дело од неговиот богат инструментален опус, дело со наслов „Прошетка во вселената“.
„Компонирањето, создавањето на музика е она што лично ме исполнува. Во изминативе дваесетина години имам создадено огромен број на симфониски и камерни дела од страна на сериозната музика во различни стилски насоки (жанрови) , кои трпеливо го чекаат мигот кога ќе допрат до публиката и ќе и ги пренесат сите мои мисли, чуства и емоции“, ни изјави Горан.

„Прошетка во вселената, е инспиративна приказна за музиката која е дел од сите нас, од се она што не опкружува“, вели Горан и додава: „ Иако создадена за само една ноќ, таа во себе ја носи историјата и вибрацијата која го создала светот и која ќе остане вечна. Со огромна љубов ова мое дело и го подарувам на публиката и посакувам секој во него да пронајде инспирација која ќе го води напред“.
Инструментална композиција „Прошетка во вселената“, претставува инспиративно четириминутно патување во популарниот електронски- амбиентален стил, кое ја буди имагинацијата кај секој слушател и евоцира живописни слики.
Оваа година тој го промовираше и „Немир“, дел од музичкиот проект Гласот од невидливиот свет.
Иако различно од се она што до сега искомпонирал Прошетка во вселената ја носи препознатливата нишка на елегичност и мелодичност. И оваа композиција како и претходните, е од некомерцијален карактер, слободна за преземање и споделување, подарена на публиката со желба дека ќе побуди инспирација и зрак на надеж во овие предизвикувачки времиња.












