Пучдемон плати 75.000 евра, пуштен е на слобода

0
185

Германските обвинители соопштија дека наредиле поранешниот каталонски лидер, Карлес Пучдемон, веднаш да биде ослободен од затвор откако платил кауција од 75.000 евра

Обвинителството во Шлезвиг во соопштението вели дека Пучдемон на властите им доставил адреса во Германија каде што ќе остане додека судот да донесе одлука за барањето на Мадрид за негова екстрадиција, врз основа на обвинувањата за злоупотреба на јавни средства, според Асошиејтед прес.

Претходно денеска адвокатите на поранешниот каталонски лидер пристигнаа во германскиот затвор во кој тој ги помина изминатите две недели и се очекуваше да биде пуштен на слобода кратко време по плаќањето кауција. Германскиот државен суд во Шлезвиг вчера пресуди дека Пучдемон може да биде ослободен со кауција, одбивајќи го барањето на Мадрид да биде екстрадиран врз основа на главното обвинение, тоа за бунт.

Сепак, германскиот суд соопшти дека не го отфрлил барањето на Мадрид за екстрадиција на Пучдемон по друга основа – за обвинението за злоупотреба на јавни средства, и дека Пучдемон ќе биде пуштен додека судот да го разгледа ова барање и да донесе одлука за негова можна екстрадиција.

mkd.mk