ТЕРА

REKLAMA???

РАДЕ СИЛЈАН – СТОЛБ НА МАКЕДОНСКАТА КУЛТУРА

Раде Силјан е еден од носечките столбови на македонската култура. Половина век, со неговото творештво, како еден од стожерните автори, тој ги исцртува магистралните текови на македонската книжевност. Силјан е полиграф што оствари и остварува голем дел од најзначајните културни мисии за Македонија, не само како поет, книжевен критичар и антологичар, туку и како уредник, издавач, оштественик и културен деец. Како книжевен критичар пак, тој е и сеизмограф што ги бележеше и ги бележи сите потреси во нашата книжевност, ги одбележа и издигна сите значајни автори за историјата на македонската книжевност, а секогаш посебно заинтересиран да ги поддржи младите. Сократовска, а јавна личност што создаде културен центар на македонската културна елита, што ќе остане забележано во историјата како една ретка појава. Раде Силјан е личност каква што треба да има секоја национална култура.

         

Ова се само дел од констатациите и пораките што беа искажани вчера на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, на чествувањето 75 години од раѓањето и половина век од објавувањето на првата книга на еден од најзначајните македонски автори на XX и XXI век, Раде Силјан. Настанот „Огледало на вековите” беше во организација на Катедрата за македонска книжевност и култура, а како што беше кажано, двата јубилеја не се значајни само за творечката биографија на Силјан, туку и за македонската книжевност и култура и нивната историја. Библиотеката за македонска книжевност и култура беше претесна за да ги собере огромниот број почитувачи на ликот и делото на Силјан – академици, универзитетски професори, писатели, ликовни уметници, музичари, историчари, актери, дипломати, филозофи, лекари, режисери, политиколози, правници, педагози, економисти, теолози… И студенти, млади македонисти и воопшто млади книжевни истражувачи. Творештвото на Силјан ги обедини генерациите. 

 

Настанот „Огледало на вековите” во организација на Катедрата за македонска книжевност и култура беше централно чествување по повод 75 години од раѓањето и половина век од објавувањето на првата поетска книга на Раде Силјан. Претходно, издавачот „Дијалог” објави избор од неговата поезија „Лажно време” и книга со избор од критиките за неговото поетско творештво. Јубилеите на Силјан се чествуваа и во Србија, со објавување избор од неговата поезија во препев на српски јазик остварен од академик Ристо Василевски, во издание на издавачката куќа „Арка”. Пред неполн месец, јубилеите се чествуваа и во Хрватска, со голема манифестација во централната библиотека во Загреб.