Радоста на живеењето, концерт на Горјана Стојановска

Радоста на живеењето, е концертот кој пред љубителите на класичната музика а во битолскиот Завод и Музеј го изведе Горјана Стојановска.

„Настапот пред битолската публика е секогаш задоволство, не само затоа што Битола е мој роден град, туку заради духот и традицијата кои се поврзани со неа.И на секое убаво место би требало да има убави работи, збиднувања и содржини“, ни изјави Горјана.

На репертоарот беа дела на Бетовен, Шопен, Чајковски.

М-р Горјана Стојановска магистрираше на Одделот за музичка интерпретација и композиција ‒ Отсек за пијано при Факултетот за музичка уметност во Скопје, а специјализираше на академијата Talent Music Master во Италија. Настапува како концертен пијанист и е добитник на многубројни високи награди во земјава и во странство, меѓу кои и оној во Малезија,оваа година, каде го освои второто место.

Натпреварот беше од меѓународен карактер, со над 560 учесници од 38 земји. Има остварено повеќе солистички концерти меѓу кои се издвојува солистичкиот концерт со Македонската филхармонија.

Еден од позначајните концерти е и оној за 4 раце, кој заедно со проф.Маја Божиновска, го изведоа во Битола, концерт посветен на руската класична музика.

Оваа година Горјана си постави една интересна цел пред себе: во текот на целата година секој месец да изведува по една пиеса од Годишните времиња на Чајковски.

Педагошката дејност во „Пијанофорте“ ја започнува во 2017 година под менторство на м-р Виолета Стефановска-Шуковиќ за потоа самостојно да почне да образува ученици и да подучува на програми за сите возрасни категории. Наставата ја пренесува на македонски, на англиски и на италијански јазик.

 

Неда Маретиќ

Сподели