Разговори за обештетувањето на земјоделците од битолскиот регион

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

За процесот на исплата на оштетувањата од градот на територијата на Општина Битола, доделените субвенции и поволностите кои што ги нуди Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, беше разговарано на средбата во Битола, помеѓу градоначалничката Наташа Петровска, министерот Љупчо Николовски и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Никола Бабовски.

Над 60-те рурални населени места во Општина Битола треба да ги искористат поволностите кои што им се нудат на земјоделците од страна на агенцијата и министерството, посочи градоначалничката Петровска.

Во Општина Битола имавме невреме од град во летниот период, по што од страна на општината беше формирана комисија за проценка на штети. Комисијата си ја заврши работата, штетите беа проценети, извештајот на комисијата помина како одлука во Советот на Општина Битола и целокупнот извештај е доставен до владината комисија за проценка на штети. Разговаравме дека преостанува Владата да го разгледа овој извештај и навремено да им овозможи на земјоделците да ги примат средствата со кои што ќе биде завршено обештетувањето. Длабоко сум убедена дека во следниот период ќе ја имаме соработката со ова министерство како што ја имавме и во изминатиот период“, рече градоначалничката на Општина Битола м-р Наташа Петровска.

Министерот Љупчо Николовски ги образложи тековните активности во однос на исплатата на субвенциите, помошта која им се дава особено на младите земјоделци, но и можноста да се искористат европските средства уште повеќе во иднина.

Денес започна исплатата на третата фаза преку Платежната агенција за предадено млеко на сточарите во вредност од над 150 милиони денари, со кои се заокружува исплатата на субвенции во делот кој го опфаќа млекото. За прв пат распишавме и во тек е склучување на договори за земјоделска земја наменета за производство на сточна храна, а на овој прв оглас има голем број апликанти. Преку програмата за директна поддршка ставивме акцент на сточарите, односно фармерите кои имаат директен развоен потенцијал. Вчера го објавивме огласот за млади земјоделци преку платежната агенција, а минатата година беа склучени 424 договори за неповратен грант од 10.000 евра. Годинава имаме нови критериуми, согласно бодувањето, дополнителни бодови се добиваат доколку се занимаваат со сточарство, односно доколку станува збор за набавка на добиток. Преку ИПАРД програмата направивме над 700 договори за купување на трактори. Средствата од фондовите ќе бидат и уште поголеми доколку сме членка на НАТО и започнеме преговори со ЕУ“, истакна Николовски.

На средбата беше разговарано и за мерките за поддршка на општините за патишта и урбанистички планови, за развој на селата и за други мерки кои се поддржани преку различни програми, кои што ќе бидат предмет на натамошната соработка на Општина Битола и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Share.