Разговор со Ксенија Ристиќ, основач на Либеркватро танго ансамблот од Србија

Со настапот на Либеркватро танго ансамблот од Србија, се отвори 13тото издание на Фестивалот на музика од светот, во организација на Центарот за култура Битола.

Ансамблот нуди танго и џез комбиниран во мелодиски и ритмички обрасци на танго со хармонија и импровизација на џез. Овој нов пристап на тангото и џезот се фаворизира ширум светот како •world music•, категорија на која е посветен и овој фестивал.

Фестивалот го отвори директорката на Центарот за култура, Маја Андоновска Илијевски, која изјави: „Овој фестивал ја прегрнува музиката од светот, го отвора срцето на градот, претворајќи го во лулка на уметноста“.

Ансамблот Либеркватро танго е основан во 2011 година со цел промоција на танго музиката.

„Нам ни е големо задоволството што можевме да се претставиме пред публиката во Битола, во оваа прилика се заблагодарувам на организаторката на фестивалот што ни ја даде таа прилика . World music е доста интересна категорија за публиката, тука може да се пронајдат повеќе жанрови. За концертот во Битола подготвивме една комбинација на страст, музика, танго “, изјави за Тера телевизија пијанистката, но и основач на ансамблот и уметнички раководител на истиот, Ксенија Ристиќ и додаде: „ За овие 10 години имавме многу настапи, на фестивали во Хрватска, Словенија, еве сега за прв пат настапуваме во Македонија, се надевам дека сега вратите во Македониа ни се отворени. Јас лично за прв пат сум во Битола, воодушевена сум од љубезниот дочек, со менталитетот овде кој е сличен на танго музиката, која е гостопримлива, баш сме во хармонија“.

За почетоците на ансамблот истакна: „Јас го основав ансамблот, така што работев аранжман за една музичко драмска претстава која се изведуваше во Рим и така се одлучив да направам ансамбл кој ќе ја промовира танго музиката. Прво тоа беше музиката на Пијацола, после традиционалното танго и сега современо танго.

Тангото го сакаме затоа што ни нуди многу можности, од екстремна меланхолија до екстремна егзалтација. При заедничкото музицирање тоа претставува големо задоволство“.

 Ксенија Ристиќ изјави дека им недостигале настапите во живо.

„Кога почна сето тоа со короната, јас започнав да ги работам аранжманите кои еве сега битолската публика имаше можност да ги чуе, на тој начин тој прв период на карантин за мене беше креативно исполнет. Но кога почнаа да ни се откажуваат настапите, имавме изведувачка депресија. Оваа година имавме убави концерти и со самото тоа што сега сме во Македонија, за нас е тоа голем успех. Сега имаме неколку закажани концерти, во декември настапуваме во Белград, во Нови Сад на манифестацијата Нови Сад престолнина на културата, потоа Коларац и други“.

 

Неда Маретиќ

Сподели