Регионалниот Центар за животна средина за Централна и Источна Европа и РЕК Битола потпишаа меморандум за соработка

0
456

Извршниот директор на Регионалниот Центар за животна средина за Централна и Источна Европа со седиште во Будимпешта (РЕЦ), Михаил Димовски и директорот на АД ЕЛЕМ, Подружница РЕК Битола, Васко Ковачевски  денес, во Канцеларијата на РЕЦ во Скопје, потпишаа Меморандум за воспоставување на стратешка соработка. Со документот се овозможува заедничко спроведување идни проекти кои треба да го подобрат промовирањето на одржливата употреба на природните ресурси и заштитата на животната средина, преку инвестирање во најдобрите распложливи “зелени” технологии и ефикасни оперативни практики.

Имајќи во предвид дека РЕК Битола е најголем национален производствен капацитет на електрична енергија, а Регионалниот центар за животна средина за Централна и Источна Европа (РЕЦ) една од најголемите меѓународни организации кои работат на полето на животната средина, овој меморандум се очекува во иднина да обезбедува драгоцена помош при заштитата на животната средина во Битола, Пелагонија, Република Македонија, но и регионот на Југоисточна Европа, велат од РЕК Битола.

“АД ЕЛЕМ и РЕК Битола ги препознаваат предизвиците на новото време и во таа насока се отворени за соработката со сите домашни и странски организации кои имаат за цел унапредување на искористувањето на обновливите извори на енергија и заштитата на животната средина. РЕК Битола очекува Меморандумот за соработка со Регионалниот центар за животна средина за Централна и Источна Европа да отвори нови перспективи за развој и имплементација на проекти за одржливо, ефикасно и еколошко производство на електрична енергија”, изјави по потпишувањето на Меморандумот директорот на РЕК Битола, м-р Васко Ковачевски.