На барање на месната заедница на село Ротино, Јавното претпријатие Македонијапат изврши реконструкција на асфалтниот пат кој започнува од клучката со магистралниот пат Битола – Охрид м. в. ,,Превалец”, до централната селска црква Св. Никола во должина од околу 2 километри.
Ширината изнесува 5 и пол метра, што го прави да биде еден од најшироките и најпрегледните патишта во Битолско.

По тој повод, претседателот на месната заедница м-р Мирче Трајчевски додели благодарници на раководните лица Пеце Петровски и Скендер Рушитовски вработени во Македонијапат, како и пофалница на Златко Ристевски, координатор на месната заедница за теренските работни активности.

„Во тој контекст, би сакале да потенцираме дека вложувањето во село Ротино, а особено инвестициите во патната инфраструктура, истовремено подразбираат облагородување, афирмација и заштита на Баба планина и националниот парк Пелистер. Природно географската положба на селото е таква што истата е од стратешко значење за заштита на планината од пожари, како и за нормалното движење на посетителите низ планината воопшто, бидејќи Ротино е единствено село во потпелистерието од кое се има брз и директен пристап со возила до Ротинското Езеро, хотелот Молика, Голема Ливада, Мала Ливада, Инфо Центарот, Гргули и др.“ велат од месната заедница.













