Земајќи ги во предвид барањата на бизнис секторот и зголемените инвестиции во старата индустриска зона во Битола, во следната градежна сезона во 2023 година, ќе се изврши целосна реконструкција на ул. „Индустриска“ (ул. „Бурса“) во Битола.
Реконструкцијата на коловозот на ул. „Индустриска“ е во должина од 2410 метри, на потегот од ул. „Иво Лола Рибар“, до пред базата на „Гранит“, а ќе опфати решение на делот на одводнувањето и заостанатите атмосферски води, што е честа појава на оваа локација. Улицата опфаќа дел од поранешната индустриска зона на град Битола, каде што беа лоцирани поранешните фабрики Фрижидери, Металец, Битолска Пивара, Битолатекс и други.
Од општината велат дека голем број компании и инвеститори, изминатите години покажаа интерес за вложување во нови објекти, или реконструкција на веќе постоечките објекти, така што на овој потег работат и егзистираат голем број мали и средни претпријатија, на кои што општината се залага да им обезбеди соодветни пристапни услови.












