Градскиот драмски театар „Гавела“од Загреб, гостуваше на 10 -то издание на Театарската олимпијада која оваа година се одржува во Унгарија. Тие ја изведоа претставата „Кралот Ричард Трети“ во режија на Александар Поповски во театарот Ворошмарти во Секешфехервар. Во целосно исполнетиот театар, на претставата присуствуваше и хрватскиот амбасадор во Унгарија. Пред самиот почеток на присутните им се обрати директорот на театарот Јанош Сикора, заедно со заменик-градоначалникот Жолт Лернер.

По претставата „Сон на летната ноќ“, една од најуспешните во театарот Гавела, режисерот Александар Поповски ја постави шекспировата драма „Ричард Трети“, со режисерска визија која носи исклучителна енергија и политичност, и приказна за амбицијата, властољубието, моќта и желбата за доминација.

Улогата на Ричард Трети ја игра Озрен Грабариќ, а во другите улоги настапуваат Андреј Дојкиќ, Свен Шестак, Мартина Чвек, Дијана Видушин, Ивран Грчиќ, Хрвоје Клобучар, Аница Ковачевиќ и други. Режијата и сценографијата се на Александар Поповски, костимографијата на Мартина Чопо, а светло на Здравко Столник. Музиката е на Марјан Неќак.
Ричард Трети е историска драма од Вилијам Шекспир, која се верува дека е напишана околу 1591 година. Првата потврдена изведба била во 1633 година, две децении по смртта на Шекспир.
Претставата „Последниот балкански вампир“, во режија на Поповски, а според текст на Дејан Дуковски, во продукција на Српското народно позориште и Центарот за развој на визуелната култура од Нови Сад, го затвори годинешното издание на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“.












