Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска македонски претставници на Венециското биенале на уметноста

Проектот „Пејзажно искуство“ (Landscape Experience) на Роберт Јанкулоски со соработничката Моника Мотеска и Националната галерија (НГМ) е годинешен македонски преставник на 59. Венециското биенале на уметноста, соопшти Министерството за култура. Венециското биенале на уметноста ќе се отвори на 23 април, а ќе трае до 27 ноември.

Во образложението на  стручната комисија при Министерството за култура пишува :Проектот низ јукстапозиции поставува нови пејзажи, реални, а имагинативни; локални и национални, а сепак универзално препознатливи. Нивните сублимирани сцени, објекти, видеа и просторна инсталација го сугерираат односот тело-природа, човек-технологии, човекот како несовршено суштество и негова когнитивна симбиоза со останатиот жив свет и околина. Низ квалитетен материјал и портфолио, авторот и кураторката Ана Франговска го развиваат и докрај го објаснуваат проектот како соодветен одговор на темата на Биеналето „Млеко од соништата“.

Оттаму информираат дека на конкурсот за финансирање проект од национален интерес во културата од областа на меѓународната дејност за учество на Република Македонија на 59. Интернационална ликовна изложба во Венеција во 2022 година, во организација на „La Biennale di Venezia“ (Венециско биенале), годинава пристигнаа пет пријави.Пријавените проекти се „Божествена пародија“ на Страхил Петровски (Музеј на Град Скопје), „Сите изгубени гласови“ на Филип Јовановски (Младински културен центар – Скопје) и „Горчлив шеќер“ на Ѓорѓе Јовановиќ ( Музеј на современата уметност – Скопје).

 Фотографот и снимател Роберт Јанкулоски е професор на Факултетот за филмски уметноси на приватниот Универзитет ЕСРА, автор е на над 30 изложби и речиси 20 години го истражува творештвото на браќата Манаки, од што произлегоа монографијата и документарецот „Манаки, приказна во слики“. Неговата сопруга Моника Мотеска е проминентна мултимедијална уметничка која се занимава со сликарство, фотографија, видео и инсталација, а авторка е на над 20 изложби.

Сподели