Романските пратеници се возат со воз, бугарските користат службени станови, хрватските за превоз имаат по 330 евра…

0
637

Со близу пет милиони евра само за патни трошоци во периодот од 2011 до 2016 година, пратениците од земјава се најплатени во регионот, покажуваат податоците кои ги објави истражувачката мрежа СКУП. Тоа значи дека просечно секој пратеник побарал надоместок во износ од 40 илјади евра за 6 години, додека на годишно ниво на нивната сметка стигнувале по околу 6,5 илјади евра, за бензин, патарина, и други давачки за пат.

За разлика од нив, во Словенија за 6 години секој пратеник во просек потрошил по 36 илјади евра, во Бугарија пратениците потрошиле двојно помалку од македонските колеги, а во Хрватска, на пример, пратениците за патување побарале по околу 14 илјади евра.

По реакциите во јавноста претседателот на Собранието, Талат Џафери пред Нова година информираше дека една од опциите за намалување на средствата кои се издвојуваат за патни трошоци е пратениците кои се надвор од Скопје да добијат службени станови.

„Една од варијантите е пратениците кои се надвор од Скопје, односно патуваат повеќе од 50 километри да добијат службени станови или пак да им се плаќаат кирии, рече Џафери.

Но, според него, не е во ред да се казнат сите пратеници доколку некој од нив ги злоупотребил патните трошоци.

„Кога ги гледате патните трошоци, вам ви се чини дека со куп пари си отишле дома. Не е така. Ако хипотетички некој злоупотребил, а да ги казниме сите, тоа не оди. Државата формирала надзорна институција која го контролира буџетите. Трошоците се реални. Ова е пракса насекаде во светот, додава Џафери.

Каква е праксата во некои земји од регионот?

Во Словенија народните избраници имаат обезбедено надомест за јавен превоз, а доколку користат сопствено возило добиваат 15% од цената за супер 95 горивото за секој изминат километар.

Романските пратеници, пак, имаат право на бесплатен превоз со железница, како и домашна авионска линија во два правци еднаш неделно. Доколку сепак се решат да патуваат со сопствен автомобил, надоместокот што го добиваат е еднаков на вредноста на 7,5 литри гориво за 100 километри пат.

Во Бугарија пратениците кои немаат куќа или стан во Софија имаат право на користење службен стан кој што им се обезбедува од станбениот фонд на Народното собрание кој е околу 180 станови низ Софија. Собранието ги покрива и сите трошоци за реновирање, опремување, обезбедување на станот, како и општинските даноци и такси за станот.

Пратениците имаат право на надомест на патните трошоци за користење на градскиот и меѓуградскиот јавен превоз, на приватните меѓуградски автобуски линии, железничкиот и воден транспорт, на внатрешните авионски линии и користење на сопствен автомобил. Ако пратеникот е од изборна единици повеќе од 250 км оддалечена од Софија, има право на најмногу 40 авионски билети, во еден правец или повратни, за една година, а на останатите им се признаваат најмногу 12 авионски билети за една година.

Надоместоците за патни трошоци на пратениците со користење на сопствен автомобил при посета на своите изборни единици се регулира со внатрешен акт на Собранието.

Право на надомест на патните трошоци имаат и пратениците во Грција кои живеат надвор од Атина. Пратениците имаат право на 104 авионски билети годишно меѓу Атина и нивната изборна единица, ако има редовна авионска линија. Народните избраници исто така имаат право на надоместок на трошоците за изнајмување автомобил во износ од 1.500 евра месечно, а додека престојуваат во Атина, Собранието им покрива хотелско сместување или изнајмување стан, најмногу до 1.000 евра месечно.

Хрватските пратеници во Саборот кои живеат подалеку од 50 км од Загреб, за време на седниците имаат право на користење на службени станови, гарсониери и еднособни станови за највисока наемнина од околу 330 евра месечно и режиски трошоци од околу 65 евра месечно. Разликата над овие суми е на товар на пратениците. Што се однесува до патните трошоци, ако пратениците живеат подалеку од 50, а помалку од 100 км од Загреб, месечно за превоз добиваат околу 330 евра.

Во Босна и Херцеговина покривањето на патните трошоци на пратениците е регулирано со правилник според кој, при користење на сопствено возило се исплаќа надомест кој се добива откако километражата од местото на живеење до местото на работа се множи со 20% од цената на литар бензин, а тој износ потоа се множи со коефициент 4.

Македонското Собрание годинава за патни трошоци има предвидено 1,3 милиони евра, односно двојно повеќе отколку лани.

мкд.мк