Саботковски: Да ја направиме Могила општина за сите луѓе

Имам јасна визија што сакаме да постигнеме, искрено, со чесен пристап, да ја направиме Могила општина за сите луѓе, вели во интервјуто за ТЕРА Драганчо Саботковски, кандидат за градоначалник за Општина Могила од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата.

ТЕРА: Што Вие, како кандидат за градоначалник, им нудите на жителите на општина Могила?

САБОТКОВСКИ: Како иден градоначалник ќе се залагам за привлекување на инвеститори во општината и отворање на работни места. Ќе привлечеме потенцијални инвеститори од дијаспората и ќе ги стимулираме локалните со ослободување од давачки кон општината.

Јас ја гледам општина Могила со подобрена  инфрастуктура во целост, изградени и реконструирани локални патишта, канлизациона мрежа, решен проблемот со водоснабдувањетои честите прекини на електричната енергија.

Потребно е изградба  на градинка во село Могила и отворање на центри за ран детски развој во поголемите населени места.

Покрај образовната улога, важна е и социјализацијата на децата.

ТЕРА: Што нудите во програмата во однос на образованието?

САБОТКОВСКИ: Ќе ги реконструираме основните училишта  со енергетско ефикасни фасади и греење, ќе ги опремиме со потребните наставни средства и помагала за  поефективна реализација на наставата.

Секое прваче ќе добие училишен прибор и еднократна финансиска помош.

Општината ќе ги наградува најдобрите ученици и спортисти.

Одредени средства од Буџетот ќе се наменат за доделување на стипендии за студенти со просек над 9.

Како формалното, општината ќе го стимулира и неформалното образование преку Едукативни центри за стекнување на нови вештини и дигитализација.

ТЕРА: Какви се вашите планови во врска со младите и спортот?

САБОТКОВСКИ: Целосна финансиската поддршка за сите спортски клубови, организации и спортски настани. Изградба на спортска сала, теретани од отворен тип, повеќенаменски спортски игралишта во повеќе населени места, уредени паркови  со детски катчиња, се дел од програмата што ќе ја понудиме на Локалните избори, која ќе биде отворена да се надополнува согласно потребите на граѓаните.

Младинскиот активизам ќе биде видлив, младите ќе бидат вклучени во работењето на општина Могила. Секоја идеја и иницијатива од младите ќе биде поддржана.

Да направиме Могила да биде место каде младите ќе сакаат да живеат, а не да се иселуваат.

ТЕРА: Како ќе им излезете во пресрет на земјоделците знаејќи дека Могила е рурална општина?

САБОТКОВСКИ: Ќе субвенционираме и помагаме отворање на локални преработувачки капацитети, за своето земјоделско производство, жителите да го пласираат како финален производ.

Заедно со земјоделските здруженија  ќе примениме сет мерки за информирање на  земјоделците преку обуки за нови земјоделски практики и искористување на финансиска помош.

Максимално ќе ги искористиме возилата и опремата на комуналното претпријатие, за чистење на одводните канали и санирање на полските патишта, со цел полесно функционирање на земјоделците.

ТЕРА: Што ќе преземете во однос на заштита на животната средина?

САБОТКОВСКИ: Ќе го следиме трендот на модерни општини. Со одреден процент ќе субвенционираме енергетско ефикасни инвестиции во домаќинствата како што се термофасади, инвертер клими, печки на пелети и соларни панели.

Ќе организираме акции за пошумување на околината на општина Могила, „Зелен појас“ , чистење на дивите депонии, современ начин на собирање и селектирање на отпадот.

Потребна е максимална ефикасност на комуналното претпријатие за одржување на чиста животна средина.

ТЕРА: Со кои најголеми проблеми се соочува општина Могила?

САБОТКОВСКИ: Нефункционирањето на локалната власт во сите области, на чело со градоначалничката Гулевска. Недомаќинското работење, недостапноста за жителите и злоупотреба на парите на граѓаните.

Во 21 век жителите се соочуваат со проблеми кои се од суштинско значење, чести прекини на електрична енергија и немањевода за пиење. Во време на пандемија жителите по неколку денаостануваат без вода.

Сведоци сме на немањето слух за земјоделците, како од страна на централната, така и од страна на локалната власт. Незагарантиран откуп на земјоделските производи, ниска откупна цена на тутунот, ненавремена исплата на субвенциите, се само дел од маките на земјоделците.Исто така проблем е негрижата за постојаната инфраструктура и неодржување на постоечките паркови и детските катчиња.

ТЕРА: Од кои принципи ќе се водите при работата?

САБОТКОВСКИ: Ќе се водам од принципите на лојалност, одговорност и правичност. Ќе бидам достапен за сите идеи и предлози. Гарантирам многу работа и конкретни резултати. Време е за ПРОМЕНИ, ПРОЕКТИ, ПОБЕДИ.

 

Сподели