САД се заканија со воена акција во Сирија

0
212

Американскиот претседател Доналд Трамп најави брза и енергична акција како одговор на сомневањата за нападот на хемиско оружје во Сирија. Во истовреме Русија предупреди на „сериозни последици“ доколку дојде до западни воздушни удари врз Сирија.

Говорејќи на состанокот со воените лидери и советниците за национална безбедност Трамп оцени дека нападот со хемиско оружје во Сирија бил „ варварски“ при што јасно стави до знаење дека сите опции, вклучувајќи ја и воената, се на маса.

„Не можеме да дозволиме злосторствата на какви што сите сме сведоци. Можете да го видите тоа и тоа е ужасно. Не можеме да дозволиме тоа да се случува во нашиот свет. Не можеме да дозволиме тоа да се случува. Особено кога сме способни, поради моќта на САД, поради моќта на нашата земја, да го спречиме тоа“.

Дека Соединетите држави се решени да интервенираат потврди и американската амбасадорка во Обединетите нации Ники Хејли која на седницата на Советот за безбедност изјави дека е дојден моментот кога светот треба да ја види правдата.

„САД се решени чудовишетото кое фрла хемиски бомби врз сирискиот народ да ги плати сметките. Слушнавте што претседателот на САД кажа за ова“.

Рускиот амбасадор во Обединетите нации Василиј Небензја пак, предупреди на „тешки последици“ во случај на западни воздушни удари врз Сирија по нападот со хемиско оружје во сирискиот град Дума.

Тој им порача на западните земји да ја напуштат „воинствената реторика“.

Според него, во саботата во Дума немало „никаков хемиски напад“ и оти за тоа не постојат докази.

Во нападот со хемиско оружје во саботата, според сириската организација за помош, загинале најмалку 60 лица, а повеќе од 1.000 биле повредени во неколку локации во Дума, град во близина на главниот град Дамаск.

Ова е прв поголем тест на претседателот Трамп откако го назначи Џон Болтон за советник за национална безбедност, кој се смета за тврдокорен во однос на Сирија, Иран и Русија.

По сличен напад со гас лани Трамп лансираше крстосувачки проектили врз една сириска воздухопловна база.

Инцидентот, исто така, го поставува она што би можело да биде и прва директна пресметка на Трамп со рускиот претседател Владимир Путин кој го поддржува сирискиот режим.

slobodnaevropa.mk