Оваа година кампањата „16 Дена Активизам“ против родовото насилство ја спроведуваме под слоганот “Сакам слободно да се движам “, рекоа од Форумот на жени на битолската СДСМ, кој денеска на симболичен начин заедно со потпретседателката на СДСМ, Бисера Костадиновска- Стојчевска испратија пораки со цел подигнување на општествената свест и поттикнување на размислување за индивидуалниот и колективниот придонес во борбата за спречување на родово базираното насилство.

„Кампањата која трае 16 дена секоја година, е главниот двигател и потсетник дека ниеден учесник во општеството не смее да остане само на заложби кога е насилството врз жените во прашање. Спротивно, кампањата нѐ потсетува дека е потребна акција од сите, и таа е потребна секој ден“ рекоа од Форумот на жени на СДСМ Битола.

Со слободно движење низ Широк сокак и Градскиот пазар во Битола беа поделени флаери со пораки и СОС телефонски линии, а во оваа активност им се придружи и претседателот на битолската СДСМ, Драган Крајовски.

Политиките на СДСМ ги штитат и подобруваат правата на жените, заедно сме во борбата против родово базираното насилство, вели потпретседателската на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска.
„СДСМ со свои активности и оваа година придонесува во подигнување на свеста за насилството врз жените и одговорноста на секој поединец во борбата против кршењето на основните човекови права и слободи.

Владата предводена од СДСМ ја усвои Истанбулската конвенција, која беше предвесник на позитивните општествени промени.

Донесовме Национален акциски план за имплементација на конвенцијата и со закон ги регулиравме спречувањето и заштитата од насилство врз жените и семејното насилство.
Го подобруваме животниот стандард на граѓаните, а со тоа особено на жените имајќи предвид дека половина од работоспособното население се жени и тие доминираат меѓу примателите на минимална плата.

Креиравме посебни мерки за започнување на сопствен бизнис од страна на жените, како и неповратна помош за жени земјоделки.
Донесовме законски измени со кои правото на детски додаток и образовен додаток за децата им се исплаќа на мајките.

Отворивме и поддржавме 16 нови сервиси за жртви на родово базирано насилство, рамномерно распоредени во сите плански региони во државата.

Обезбедивме институционална рамка во борбата против насилството врз жените, ја продолжуваме борбата за промена на свеста во македонското општество со политиките на СДСМ кои се насочени кон родова еднаквост, еднакви можности, унапредување на правата на жените и подобрување на нивниот животен стнадард.

Не само 16, туку 365 дена во годината остануваме фокусирани на заштитата на правата на жените и девојчињата и елиминацијата на секаков облик на дискриминаторско однесување“ рече Костадиновска-Стојчевска.

Форум на жени СДСМ-Битола нуди бесплатно правни совети од нивниот сектор за правда, секоја среда од 18:00 до 20:00 часот.















