Само препорака до општините да спроведат еко акција

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Владата на Република Македонија, донесе одлука да ги задолжи министерствата, органите во состав на министерствата и самостојните органи на државната управа во текот на декември годинава и во текот на јануари и февруари 2019-та година да спроведат најмалку по една акција со којашто ќе придонесат во борбата против аерозагадувањето, како и за заштита на животната средина.

Задолжените институции ваквите еколошки акции треба да ги спроведат во координација со Министерството за животна средина и просторно планирање, со локалните самоуправи, како и со граѓанските организации, и за тоа да ја информираат јавноста соодветно, соопшти владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Препорака за вакви еко акции Владата упати до единиците на локалната самоуправа, додека на јавните претпријатија, правните лица со јавни овластувања и на акционерските друштва во државна сопственост, Владата им укажа да реализираат активности со коишто ќе придонесат кон намалување на загадувањето на воздухот. 

По евалуацијата на остварените резултати, во февруари следната година повторно ќе бидат упатени вакви задолжувања и препораки, за пролетниот период.

Оваа одлука на Владата на Република Македонија претставува дополнителна поддршка во спроведувањето на мерките предвидени со Планот за чист воздух, којшто е усвоен како стратешки приоритет во работењето на владата, рече Бошњаковски.

Share.