СВЕДОШТВО: Последна слика пред очи ми е како Калина се упатува кон врвот на Кајмакчалан

0
1897

„Имаше силен ветер, не се слушаше ништо, а поради маглата, имаше многу слаба видливост. Групата планинари на 100 метри пред врвот, по наредбата за враќање назад, се упатија кон ски-лифтот. Последната слика што ми остана пред очите е како Калина со уште тројца планинари се упатува кон врвот на Кајмакчалан. Сè би дала да го вратам времето и да ѝ се развикам на Калина да не продолжува до врвот! Да се врати со нас! Таа нè чуваше на крајот од колоната, по цел пат предлагаше да се вратиме, но на крајот ненадејно одлучи да ги изоди последните кобни 100 метри до врвот“, сведочи Мирјана Календаровска за „Макфакс“, која беше дел од групата планинари кои со планинарското друштво „Трансверзалец“ на 10 и 11 февруари годинава заминаа во Грција, каде што се искачуваа на врвот на Кајмакчалан. За двајца од групата, оваа навидум рекреативна прошетка, заврши кобно. Калина Велевска и Александар Миновски, двајцата искусни планинари и вљубеници во природата, под неразјаснети околности се изгубија на планината, а по повеќечасовна потрага, беа пронајдени мртви и извлечени од тешко пристапниот терен.

По молкот на учесниците во турата по трагедијата што се случи, Календаровска е првата што одлучи јавно да проговори за сите стравови, предизвици и опасности со кои се соочиле планинарите што тој викенд беа на Ниџе.

Таа вели дека по подолга пауза, поради работата на брод, за време на престојот дома, одлучила со својата 19-годишна ќерка да оди на некоја не толку напорна тура за планинарење, во која, меѓу другото, друштвото нудело и релаксација во бањите во Лутраки.

„Да, бев со ќерка ми на Кајмакчалан. Калина одеше со нас при крајот на групата, ги гледавме последните тројца 10 метри зад нас дали се приближуваат. Калина ги довикуваше на секои 5 минути да побрзаат бидејќи сите ја следевме колоната нагоре. Имаше магла, слаба видливост, силен ветер со снег, кои боцкаа по лицето. Цело време си повторувавме – а да се вратиме или да ги стигнеме нагоре бидејќи веќе и за враќање надолу не се гледаше. На 100-ина метри од врвот бевме среќни дека целата група се враќа назад со првите што стигнаа на врвот заедно со Зоки Москито, кој веднаш викна по нас: „Готово, толку, нема да се оди на врвот, страшно е, исто вака изгледа, ајде назад сите!“, вели Мирјана.

Иако времето било ризично и се соочувале со голем студ и врнежи од снег, таа признава дека на моменти ѝ било криво што била толку блиску, а за само 100 метри искачување не успеала да го види врвот.

„Погледнав нагоре. Ја видов Калина како се договара нешто со уште тројца планинари – веројатно тоа беа Дени и Благоја, кои се вратија, и Александар, кој не се врати, за жал. Во моментот искрено си помислив – ете, тие може, а ние не можеме нагоре и си реков, ајде со ќерка ми Клара сум, да не си играм, да се вратам. Не знам дали Москито ги виде бидејќи тој на сите ни се обрати да се вратиме назад“, раскажува Мирјана за „Макфакс“.

Условите за искачување на планината дента биле исклучително лоши. Имало силен ветер, не се слушало ништо, маглата буквално обвила сè.

Повеќе на „Макфакс