Македонскиот филм „Домаќинство за почетници“, во режија и по сценарио на Горан Столевски, а во продукција на „Лист продукција“ – Скопје, ја имаше својата светска премиера на 80. издание на Филмскиот фестивал во Венеција. „Домаќинство за почетници“ е дел од натпреварувачката програма „Orizzonti“ во конкуренција за наградите за најдобар филм, најдобра режија, најдобро сценарио, специјална награда од жирито и најдобра машка и женска улога. Филмската приказна на Столевски се занимава со универзалните вредности на семејството – она во кое сме се родиле и она кое самите сме го избрале.

Главните улоги во филмот ги толкуваат: Анамариа Маринка (позната по филмот “4 месеци 3 недели 2 дена” (2007) на Кристиан Мунгиу) и Алина Сербан од Романија, Владимир Тинтор од Хрватска, Самсон Селим, Миа Мустафа и Џада Селим од Македонија.
Во споредните улоги се: Сара Климоска и Ајше Усеини од Македонија и Розафа Целај од Косово и многу други професионални и непрофесионални актери од Македонија. Снимањето на филмот се одвиваше во јули 2022 година во Скопје, а додека пост-продукцијата се работеше на релација Европа – Австралија и тоа во Мелбурн, Аделаида, Гетеборг и Варшава.

Третиот долгометражен филм на режисерот Столевски е прво негово македонско мнозинско остварување.Меѓународниот филмски фестивал во Венеција (Мостра) почна пред неколку дена, а во конкуренција за наградата „Златен лав“ се вкупно 23 филмски остварувања.












