Светскиот ден на шегата се слави уште од средниот век

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Утре е 1 Април, Светскиот ден на шегата, кога многумина се трудат на другите да им направат разни смешни случки и да се забавуваат, иако понекогаш навидум наивните шеги може да имаат и несакани последици. Овој ден се одбележува со векови, а неговото потекло сѐ уште не е докрај истражено.
Постојат разни толкувања, а едно од нив е дека овој своевиден народен празник се појавил кон крајот на средниот век во Европа, како Ден на сите луди, кој претставувал општонародна веселба.

Англичаните мислат дека Денот на шегата е преземен од Исток и тие 1 април го нарекуваат Ден на сите глупаци.
Финците овој ден го поврзуваат со подучување на децата за земјоделските работи, а слично е и во Швајцарија. Постојат мислења дека корените на овој празник досегаат до Стариот Рим, познат и по тоа што тамошните жители умееле добро да се забавуваат, смислувајќи различни шеги.
Постои мислење дека овој обичај се појавил во 16 век во Франција, околу 1564 година, а за оние што биле излажани имале обичај да кажат дека добиле „априлска риба“.
Во холандското место Финдховен се одржува традицијата на правење шеги на 1 април, а весниците се натпреваруваат да објавуваат „ексклузивни“ вести, како на пример за доаѓањето на некои светски државници во овој град, за разни опасни болести и експерименти во атомистиката.
За Германците, 1 април е ден кога сите се ранливи, а своите лоши чувства помалку ги врзуваат за правење невкусни шеги. Тие го почитуваат преданието според кое на 1 април се родил апостолот Јуда, предавникот на Исус Христос.

Обичајот на правење првоаприлски шеги не ги заобиколил ниту балканските простори, па често во медиумите на овој ден може да се најде по нешто што ќе ги изненади читателите и гледачите, а децата учествуваат на првоаприлски маскенбали.
Музејот на шегата во Сан Диего објави список на десет најдобри првоаприлски шеги во англосаксонскиот печат, а една од најсмешните има врска со политиката. Се однесува на американското државно радио, кое во 1992 година најави нова кандидатура на Ричард Никсон за претседателските избори, под мотото „Не направив ништо лошо и тоа нема да ми се повтори“.
Еве една шега што датира од малку поодамна. Би-би-си на 1 април 1957 година, во емисијата „Панорама“, прикажала репортажа за едно швајцарско семејство што одгледува стебла на кои растат шпагети. Во фокусот на репортажата била една жена што бере шпагети од дрво. Гледачите на Би-би-си по емисијата ја затрупале медиумската куќа со писма и телефонски повици, сакајќи да знаат каде можат да го набават шпагети-стебло.
Според традициите во многу земји, луѓето можат да им подметнуваат солени шеги на другите до пладне на 1 април, но ако тоа го прават подоцна, тогаш и самите стануваат априлски луди.
Придржувајќи се до традицијата, и голем број медиумски куќи, компании, веб-страници и други шегаџии во светот се огласуваат за најразлични првоаприлски шеги – од смешни до апсурдни. Така, во изминатите години се појави вест дека Дејвид Бекам ѝ се приклучил на австралиската фудбалска репрезентација, а Канада купила половина хавајски остров!

novamakedonija.com.mk

Share.