Светските критичари за „Медена земја“

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

„Визуелно спектакуларно“, „Го прикажува светот кој исчезнува“ и „Занесно снимен дебитантски филм“ се само дел од зборовите со кои светските критичари го оценија македонскиот документарец „Медена земја“, кој викендов победи на американскиот фестивал за независен филм „Санденс“ во три категории, меѓу кои и наградата за најдобар странски документарен филм.

Документарниот филм ја раскажува приказна за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во централна Македонија. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на Земјините ресурси.

Гај Лоџ, од престижниот магазин „Variety“, напиша дека режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска направиле „визуелно поетично деби со овој остар и носталгичен портрет на осамена рурална пчеларка“.

„Во овој детален набљудувачки документарец, сè, од медот нагоре, е органско. Снимано во период од три години, без нарација или интервјуа кои би ја воделе приказната, Медена земја започнува како смирена, изолирана студија на еден лик, пред да се судри со друга, многу поконфликтна приказна – откако помлади натрапници на локацијата се закануваат, не само на осаменоста на Хатиџе, туку и на нејзината егзистенција, со понови и помалку еколошки методи на земјоделие. Додека оваа проста еколошка алегорија расте, филмот на Стефанов и Котевска добива суптилна моќ која ќе ја почувствува трпеливата фестивалска публика“, стои во рецензијата.

Владан Петковиќ, во текстот за „Cineuropa“, документарецот го нарекува „визуелно спектакуларно парче синема верите“:

„Котевска и Стефанов, со непроценливиот придонес од уредникот и продуцент Атанас Георгиев, покажуваат извонредна дисциплина во правењето на овој филм во вистинско парче ‘синема верите’. Иако тие поминале огромна количина време со протагонистите, што се докажува со пристапот кој го имаат до нив, дури и во сцените во кои има расправии и физички пресметки во семејството на Хусеин, тие го задржуваат својот строго набљудувачки пристап. Ова значи дека самата публика треба да пополни многу празни места, но истовремено остава простор да ја доживеат приказната од подлабок и поважен аспект – од личниот агол на Хатиџе, преку тоа како трката за профит влијае на локалниот еко-баланс, до важноста на пчелите за глобалната животна средина“, пишува Петковиќ која ја потенцира и кинематографијата на Фејми Даут и Самир Љума нарекувајќи ја спектакуларна.

И Стивен Вити од вебсајтот на филмското списание „Screen International“ го издвојува набљудувачкиот концепт на режисерите.

„Сцената е поставена за жесток конфликт, но режисерите одлучно одолеваат на приликата да драматизираат. Јасно е дека тие имале прекрасен и отворен пристап до овој свет и овие луѓе. Сепак нивната камера едноставно стои и набљудува како настаните се развиваат. Интервјуата се намерно избегнувани, секако, со тоа и одговорите. Од каде дојде ова ново семејство? Зошто го избрале ова место? И каде отишле сите оние кои живееле овде?“, стои во рецензијата на Вити.

Шери Линден од „Hollywood Reporter“ опишува дека низ овој „близок поглед на уметноста на одгледувањето диви пчели, и една од последните вакви пчеларки, овој македонски документарец ја истражува традицијата, осаменоста и односот меѓу луѓето и природата“:

„Во ова кризно време на изумирања, загрозени живеалишта и алчно профитерство, Медена земја раскажува приказна со универзален одглас, дури и додека открива едно заборавено место, кое е толку специфично и необично што многу современи луѓе од Западот не би можеле никогаш да го замислат“,

Елија Давидсон во рецензијата за „Docs/ology“ пишува дека филмот „раскажува директна, сликовита приказна за луѓето кои се многу различни од сите други, но истовремено нè поттикнува да си поставиме тешки прашања за нас самите“:

„Етиката на Хатиџе да зема само половина од медот, а другата половина да ја остави на пчелите, нејзиното големо разбирање за тоа како семејствата пчели функционираат низ сите годишни времиња, нејзината трпелива грижа за мајка ѝ, нејзината желба да помогне на сиромашното семејство, а потоа нејзиното згрозување кога тие ќе ги злоупотребат нејзините подароци – сè ова бара да ги преиспитаме начините на кои живееме во овој свет. Што добиваме без да дадеме? Преку кого газиме во нашата потрага по безбедност и сигурност? Медена земја не нуди лесни одговори, но прави ние да ги посакаме и нуди пример за тоа како да бидеме едно со светот“.

„Медена земја“ беше во официјална конкуренција на престижниот „Санденс“ во категорија со уште 11 други документарци од целиот свет. На церемонијата што се одржа во Парк Сити, Јута, САД, филмот ja доби големата награда на жирито (Grand Jury Prize) за најдобар документарен филм, наградaта за најдобра кинематографија (Special Jury Award for Cinematography), како и специјалното признание од жирито за влијание за промена (Special Jury Award for Impact for Change).

Share.