Светските медиуми за инвестицијата од 500 милиони евра за ветерници – пофалби за земјава за намерата да се користи чиста енергија

Повеќе светски медиуми известија за големата инвестиција на германската ВПД во ветерна електрана во Северна Македонија, која ќе произведува 450 мегавати чиста и зелена енергија.

Медиумите се осврнуваат на стратегијата на Владата на Северна Македонија за целосна замена на јаглените електрани до 2030 година и напоменуваат дека оваа инвестиција е крупен чекор кон остварување на таа цел.

– Владата на Северна Македонија планира да обезбеди околу 1.500 мегавати од соларни електрани и околу 700 мегавати енергија од ветер. WPD работи во 28 земји низ целиот свет, пишува во објавата на Асошиејтед прес.

-Според Ројтерс ветерниот парк “Вирови” е стратешки проект на владата, кој ќе помогне во транзицијата  од производство на енергија доминантно од јаглен кон зелени извори.

-Проектот кој го најави премиерот Зоран Заев од 415 мегавати е најголемата германска инвестиција во земјата и најголемата во областа на зелената енергија откако Северна Македонија прогласи независност од поранешна Југославија во 1991 година, пренесува американскиот ABC News.

За инвестицијата пишува и грчкиот весник Екатимерини,  дополнувајќи дека ветерниот парк, кој ќе има 69 турбини, ќе се гради во три фази на три локации и ќе снабдува со електрична енергија околу 290.000 домаќинства.

Инаку, премиерот Зоран Заев вчера го најави овој ветерен парк со 69 ветерници кои ќе обезбедуваат чиста и зелена електрична енергија за повеќе од 290 илјади домаќинства во земјава.

Сподели