Со традиционалната изведба на „Комитското“ на КУД. „Илинден“, по 54. пат светскиот фолклор се славеше на интернационалниот фолклорен фестивал во Битола. На платото на Офицерскиот дом под мотото „ Уметноста на традицијата “ беше свечено отворено годинешното издание на Илинденски денови. На церемонијата фестивалот за отворен го прогласи потпретседателката на Собранието како покровител на Илинденски денови, Весна Бендевска.

Министерот Зоран Љутков, во своето обраќање истакна дека Министерството за култура и туризам во иднина значително ќе ја зголеми поддршката на фолклорните ансамбли со одвојување на поголеми финансиски средства за нивно функционирање, а со тоа одржување на македонската традиција низ фолклорот.

Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, посакувајќи им топло добредојде на учесниците, истакна дека и за ова фестивалско издание долго ќе се раскажува. „Уметноста на традицијата“ е во нејзината моќ, зачувувајќи ги вредните културно историски спомени и обележја да направи поврзување и зближување во денешнината, градејќи цврсти врски на пријателства, меѓусебни запознавања и зближувања, инвентивност и промоција“.

Центарот за култура е носител на оваа култна манифестација за македонската култура. Директорката на оваа културна установа Маја Андоновска Илијевски облечена во креација на дизајнерот Александар Ортаковски, инспирирана од народната носија, рече дека фестивалот ги инспирира младите генерации да продолжат да творат и да покажат интерес за фолклорот како едно од нашите главни обележја.

Ова е фестивал кој трае вкупно 13 денови, на кој на фестивалските вечери му претходеа Етнографскиот филмски фестивал, Детски работилници и изложби, кои заедно со камерните и големите концерти прават бројка од 70 настани. До 31 јули, градот ќе наликува на една голема сцена, со повеќе настани на различни локации. Фестивалот „Илинденски денови“, е дел од програмата на Битолското културно лето Битфест, кое и годинава ја отсликува заложбата на локалната самоуправа, да даде поддршка на вистинските културно уметнички вредности.

„Илинденски денови” е амбасадор на македонската култура во светот. Фестивал што започна скромно како републички фестивал на народни песни и игри пред повеќе од половина век, а прерасна во интернационален и е единствен фестивал од Македонија што е во елитата на фолклорни фестивали во светот.












