По 33-ти пат во Битола започна фестивалот„Интерфест“ на класична музика.
Интернационалниот фестивал свечено беше отворен со концерт на Камерниот оркестар- Битола и солистите Линда Хедлунд виолина- Финска и Антонио Ди Кристофано, пијано Италија.
Линда Хедлунд припаѓа на врвните виолинисти на нејзината генерација во Финска. Дипломирала Виолина во 2002 година на „Виенскиот Универзитет за музика и изведувачка уметност”. Докторирала класична виолина на „Сибелиус Академија“ во 2010. Во текот на 2019 година специјализира Барокна виолина на „Новиа Универзитет“ во Финска. Линда Хедлунд развива широка концертна кариера во Европа, Азија, САД, Јужна Америка. Настапува на фестивали во Франција, Шпанија, Италија, Данска, Норвешка, со рецитали и како солист со симфониски оркестри: “Вогланд Филхармонија, „Претседателски оркестар на Северен Кипар“, Оркестар на Истанбул, Симфониски оркестар на Лоџ, „Озил симфониски оркестар на Бразил“, Симфонискиот оркестар на Хелсинки, Симфонискиот оркестар на Истанбул.
Антонио Ди Кристофано дипломирал пијано на Конзерваториумот „Ј. Керубини“ во Фиренца во класите на A. Bacchelli и M.Damerini.
Во 2006 дебитирал во Weill Hall и Carnegie Hall, Њујорк. Со концертите во Musikverеin, „Denver Gates Concert Hall“, Варшава, Лоџ, Минхен, Малта, неговата европска кариера постигнува исклучителна афирмација. Свири на пет континенти: во големите музички центри на Египет, Бразил, Аргентина, Јапонија, Кина, Турција, Франција, Италија, Канада, Малта, Кореја, Мексико. Омилен жанр на Ди Стефано е концертантната музика. Настапува како солист со Симфониски и камерни оркестри ширум светот: Чешка Филхармонија, Монтреал Филхармонија, Симфониски оркестар на Сицилија, Словачка Фихармонија, Симфониски оркестар на Лече, Магна Греција оркестар, Јерусалим Симфони, Симфониските оркестри на Радио Букурешт и Радио Прага, Милано симфониски оркестар, Астана симфониски оркестар, Дубровнички симфониски оркестар, Симфониски оркестар на Сао Паоло, Торонто Симфони, Санремо оркестар, Симфониските оркестри на Измир и Истанбул.
На свеченото отворање се обрати градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, a пораката од уметничката директорка Милица Шперовиќ-Рибарски ја прочита Владо Ѓорески-Рафик, сликар, графичар, историчар на уметност, ликовен критичар.
Покровител и финансиер на фестивалот е Министерството за култура, а спонзор и помагател е Советот на Општина Битола.
Тера телевизија е медиумски покровител.