ТЕРА

REKLAMA???

СВЕЧЕНО ОТВОРЕН 58.МТФ „ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ“ ВО ПРИЛЕП

Со  доделување на наградите за животно дело на актерите Мими Таневска-Србиновска и на Јордан Витанов, и со првата претстава во конкуренцијата, „Хеда Габлер“ на Драмски театар од Скопје, во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп беше отворен 58. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Годинава фестивалот се одржува под мотото „Промени се, промени сѐ“.

“Промената е најискрената потрага по сопствениот креативен потенцијал. Промената е и првата победа во битката со конформизмот, старите навики, инертните или наследени ситуации. Промената е во секој од нас, ние сме промената! Педесет и осум пати во овие педесет и девет години овде во Прилеп почнувал фестивал кој влијаел, влијае и ќе влијае на сите нас. Вечерва по педесет и осми пат почнуваме да го славиме театарот, уметноста која спојува во себе многу уметности, уметноста која гласно го говори и игра она што некои го премолчуваат“, рече Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот.

Публиката пред влезот на Центарот ја пречекаа веселите скомраси и живите статуи. Задржувајќи ја симболиката на слоганот на фестивалот „Промени се, промени сѐ“ учесниците на програмата „Чернодрински за деца“ кои во изминатите две години работеа учеа и создаваа театар во Прилеп, дадоа свој придонес во отворањето, секој споделувајќи што за него е промената. Фестивалот за отворен го прогласи токму најмалиот учесник меѓу нив, Антониј Кузманоски.

Прилепскиот градоначалник Борче Јовчески истакна дека во ова време на промени, театарот како уметност има уникатна моќ да нè инспирира, да нè поттикне на размислување и да ни покаже различни перспективи. На актерите Мими Таневска-Србиновска и на Јордан Витанов им беа врачени наградите за животно дело, годинава првпат направени од прилепски мермер.

„Посебно ми е драго што оваа награда ја добивам токму на 58-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“, кога автор во фокусот е Горан Стефановски, зашто во целата моја актерска кариера Горан Стефановски има голем, значителен простор. И посебно ми е драго што наградата доаѓа од фелата“, рече актерката и професорка на ФДУ, Мими Таневска-Србиновска, која посебно и се заблагодари на публиката.

Фестивалот го отвори првата претстава во конкуренцијата – „Хеда Габлер“ од Хенрик Ибзен, во режија на Васил Христов, а во изведба на ансамблот на Драмски театар од Скопје. Во конкуренцијата, до 14 јуни, публиката ќе види уште 10 претстави во официјалната и уште пет во придружната програма, промоции, разговори на тркалезната маса, работилници.

Претставите ќе ги оценува меѓународно жири, а годинава е воведена и награда од публиката која ќе гласа за, според неа, најдобрата претстава. Како најава на фестивалот во библиотеката „Борка Талески“ беше отворена изложба на фотографии со портрети на Горан Стефановски и изданија на библиотеката на Авторот во фокус. Покровители на 58. МТФ „Војдан Чернодрински“ се Министерството за култура и Општина Прилеп.