ТЕРА

REKLAMA???

СДСМ БАРА ОДГОВОРНОСТ ОД ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЊАНОВСКИ ЗА ЈП ПАЗАРИ

Градоначалникот Тони Коњановски или да создаде услови за земјоделците да продаваат во пазарот или да побара од Советот поништување на одлуката со која ги избрка од паркингот. Плус, да ги обештети земјоделците за сите месеци во кои се оставени ни угоре ни удолу, вака денеска на прес конференција рече советничката од СДСМ, Мирјана Захариевска- Ралевска.

„Стотина семејства – производители на земјоделски производи се оставени на цедило, излажани и изманипулирани, заради неспособноста на градоначалникот Тони Коњановски. Ниту една обврска што ја презеде Јавното претпријатие Пазари не е исполнета, а поминаа четири месеци.

Земјоделците се избркани од паркингот, а немаат каде да продаваат оти тезгите уште не се распределени, нема колички за дотур на роба, нема канти за ѓубре, нема црево за миење. Од проектот, пак, за промена на кровот што го вети Коњановски, нема апсолутно ништо. Во новиот пазар има само страшна нехигиена и глутници кучиња скитници.

Од ситуацијата штети трпи и Јавното претпријатие Пазари кое сред лето наместо да наплаќа за тезгите, одвај собра пари да подели плата на вработените.

За оваа состојба градоначалникот Коњановски мора да понесе одговорност!

Советничката група на СДСМ нема ништо против уреден паркинг, ама не може за сметка на тоа да се уништуваат животи на наши сограѓани кои произведуваат храна.

Ако градоначалникот се плаши да не ја растури коалицијата со Поинаку заради паркингот кај новиот пазар, нека не се плаши од советниците. Трета седница по ред Коњановски го нема во Советот. Нека не се крие зад партиски соопштенија напишани по канцеларии низ општината и нека се појави пред нас советниците и пред пазарџиите за да објасни кога и како ќе заврши оваа голгота. Ако не сака тој, нека го прати секретарот во општината, Борче Димитровски. И онака веќе не се знае кој управува со општината – ДПМНЕ, Коњановски, Димитровски или Поинаку и Илиевска“ вели советничката Захариевска- Ралевска.