Круна на недомаќинското работење во јавните претпријатија во Битола е Водовод, вака денеска на прес конференција, рече Мирјана Захариевска-Ралевска, советник од СДСМ.
„Директорот и локален лидер на ДПМНЕ, Пеце Милевски и неговиот “адвокат”, Тони Коњановски, ја потврдуваат народната: Рибата смрди од главата, не од опашката. Водовод е лидер меѓу сите јавни претпријатија во Битола по загубата со која ја заврши 2022, а која изнесува 21.532.830 денари. За само една година, Милевски успеа да ги потроши 43-те милиони денари што му ги остави неговиот претходник на сметка и плус уште 20 милиони денари годинава, а нема ниту една инвестиција.
1 милион евра ги однесе водата, ама не во проекти за Битола, туку каде што сакаа Милевски и Коњановски. Во цела година, Милевски реконструира само 2.488 метри водоводна мрежа. Од друга страна, Водовод потроши скоро 41.000 литри гориво, 3.000 повеќе од 2021, а 6.000 повеќе од од 2020та. Милевски од касата на Водовод платил над 2 милиони денари за спонзорства и донации и скоро 250.000 денари за репрезентација. Милевски во Водовод покачувал плати и до 15.000 денари на блиски партиски другари според непознати критериуми, распишувал сомнителни тендери за осигурување, за набавка на струја и на хлор, со колата службено патувал спротивно на правилниците на претпријатието.
Забеганоста на Милевски оди до таму што не го сели Водовод во новоизградените простории оти се плаши од бунт на дел од вработените кои не ќе можеле да шетаат по цел ден низ Широк Сокак. Незаконското работење на Милевски во Водовод е потврдено со, засега, 2 кривични пријави.
Но, и покрај тоа, градоначалникот Коњановски се однесува како негов адвокат, го штити и брани партискиот шеф наместо да ги штити интересите на битолчани.
Почитувани битолчани, Секогаш кога ДПМНЕ раководи со Битола, во јавните претпријатија се случува грабеж. Тоа го видовме со Владимир Талески, истото го сведочиме и сега со Коњановски. Нема врска кој е директор, а кој градоначалник кога ДПМНЕ е на власт. На директорите и на градоначалникот поважно им е да ги наполнат касата во Белата палата и џебовите, отколку да сработат нешто за доброто на Битола“ рече советничката од СДСМ.












