СДСМ поднесе закон за намалување на ДДВ за струја од 18% на 5% и укинување на ДДВ на храната, соопшти пратеникот Фатмир Битиќи.

Тој рече дека животот во Македонија станува сè поскап, а граѓаните сè потешко ги задоволуваат основните животни потреби и дека индексот на трошоците на животот во јануари 2025 година, во однос на истиот месец минатата година, бележи зголемување од 4.9%, додека индексот на цените на мало пораснал за 5.2%.
„Цените на основните прехранбени производи растат без контрола, а семејните буџети се под постојан притисок. Но тоа не е се, граѓаните веќе плаќаат и повисоки сметки за струја. Само во јануари тие се зголемија од 20% до 30%, што претставува уште еден тежок удар врз животниот стандард. Во овие услови, каде што растот на цените го надминува зголемувањато на приходи, сè повеќе семејства се соочуваат со финансиски тешкотии, а за многумина, месечната плата веќе не е доволна ниту за најосновните трошоци. Наместо Владата да интервенира и да ја заузда кризата, гледаме незаинтересираност, одолговлекување и целосно отсуство на мерки што ќе ја заштитат куповната моќ.
Како одговорна опозиција, предлагаме конкретни законски измени кои ќе доведат до заштита и подобрување на животниот стандард. Пратеничката група на СДСМ и коалицијата поднесоа Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за ДДВ, со кој бараме намалување на данокот за електричната енергија од 18% на 5%, но и укинување на ДДВ за основните прехранбени производи, односно негово намалување од 5% на 0%. Со овие предлог-измени, бараме системска реализацијата на две од седумте економски мерки на СДСМ“ рече Битиќи.











