Советничката група на СДСМ денеска до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против тројца членови на Комисијата за транформација на работниот однос при Општина Битола, за кривичното дело „Несовесно работење во службата“, потоа против тројца директори на основни училишта за кривичното дело „Повреда на правата од работен однос“, против еден вработен за кривичното дело „Лажно претставување“ и против градоначалникот на Битола, Тони Коњановски за кривично дело “Несовесно работење во службата“ и кривично дело “Повреда на правата од работен однос” според Кривчниот законик, соопшти денеска од пред јавното обвинителство советничката Мирјана Захариевска-Ралевска.
„Согласно член 50 од Законот за локална самоуправа, градоначалникот го обезбедува извршувањето на работите кои што со закон и се делегирани на општината. Трансформацијата на работниот одност на наставниците и стручните соработници е токму една од работите кои и се делегирани на општината, но наместо тоа градоначалникот цели две години не успеал да обезбеди навремено, ефективно и ефикасно работење на Комисијата за трансформација на работниот однос кој самиот ја формирал. Притоа ниту во еден момент градоначалникот не презел никакви чекори за доследно и разумно спроведување на законите од оваа област. Со тоа, градоначалникот Коњановски дозволил несовесно работење во службата на лица кои ги назначи за членови на комисијата и станал соучесник на кривиното дело.
Непреземајќи ги сите мерки и чекори кои што ги има на располагање како градоначалник, со цел да обезбеди навремено, ефективно и ефикасно работење на администрацијата, тој дозволил неразумно одолговлекување на постапките за трансформација на работен однос што пред комисијата ги повеле наставници, со што извршил повреда на одредбите од Кривичниот законик, кои се однесуваат на правото за засновање на работен однос.
Од сето претходно кажано, како и што укажувавме во изминатите две години и на седниците на Совет и на прес конференции, уште еднаш го повикуваме министерот да му ги одземе ингеренциите на градоначалникот во образованието во Битола“ рече Захариевска-Ралевска.












