Филмот на Марија Апчевска „Северен Пол“, кој досега учествуваше на повеќе од 40 интернационални фестивали и освои неколку награди, како и номинација за Европските филмски награди (EFA) и се квалификуваше за наградата „Оскар“, на Меѓународниот филмски фестивал во Нанси се наоѓа во натпреварувачката меѓународна селекција и ќе биде прикажан три пати.
Претходно филмот освои две награди во рамките на интернационалната селекција на 4-то издание на Castrovillari Film Festival.
Наградата за најдобра актерка и’ припадна на младата и талентирана Антонија Белазелкоска и наградата за најдобра кинематографија му припадна на добро познатиот и докажан директор на фотографија Владимир Самоиловски.

Исто така тука се двете награди за најдобар краток филм. Наградата KODAK BEST SHOT ON FILM ја доби во рамките на 18-то издание на HollyShorts Film Festival кој се одржа од 11-ти до 20-ти август во Лос Анџелес.
Наградата PUNTO DI RITORNO е доделена на 3-то издание на Calabria Movie Short Film Festival кој се одржа од 17-ти до 20-ти август во Кротоне, Калабриа, Италија, две награди за најдобар краток филм и тоа на 20-то издание на Ischia Film Festival, кој се одржува во Искја, Италија и на 9-то издание на Башта фест, српскиот фестивал кој се одржуваше во Баина Башта.
Исто така доби номинација за најдобар краток филм на 2-то издание на францускиот International Children Care Film Festival кој се одржуваше во Париз, како и номинација во интернационална конкуренција за најдобар краток филм на 20-то издание на Manlleu Film Festival кој се одржува во Шпанија.
Во Нанси како член на жирито за документарни филмови се наоѓа и македонскиот режисер и претседател на Друштвото на филмските работници на Македонија, Игор Иванов-Изи, чии филмови, речиси сите, биле прикажувани на фестивалот во Нанси, кој годинава го има своето 28-мо издание.












