Северна и Јужна Кореја договорија прекин на непријателствата

0
153

Северна и Јужна Кореја се согласија дека заеднича цел ќе им биде целосна денуклеаризација на Корејскиот полуостров и прогласување службен крај на Корејската војна (1950-1953).

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун и јужнокорејскиот претседател Мун Џае Ин потпишаа денеска декларација за вложување заеднички напори за целосна денуклеаризација на Корејскиот полуостров.

Со декларацијата се одлучија да означат и крај на војната меѓу двете држави.

– Сакам тоа да биде можност за народите на двете Кореи за слободно движење меѓу државите. Мораме да преземеме одговорност за сопствената историја. Нема причина меѓусебно да се бориме, ние сме една нација, изјави Ким на историскиот самит.

Тој вети дека нема да се повтори „несреќната историја“.

– Почнува ново време на мир, нагласи Ким на крајот од денот полн со симболика.

– Нема причина да војуваме, ние сме една нација. Ние сме ист народ, една крв. Тоа не може да се раздвои, потенцираше Ким.

На крајот од првиот самит по повеќе од 10 години двете страни најавија дека ќе потпишат договор за востапоставување траен и цврст мир на полуостровот.

Во декларацијата е вброено и намалување на воените потенцијали во фази, прекин на непријателствата „на копно, море и воздух“ и претворање на утврдената граница во зона на мир и мултиратерални разговори со други држави како САД.

Двата лидера по потпишувањето на декларацијата се прегрнаа со порака „да нема веќе војна на Корејскиот полуостров“.

Во заедничката изјава по самитот, најавена е посета на Мун на Пјонгјанг.