Климатските промени се реалност и сериозно влијаат врз животот на човештвото во овој век. Но, голем дел од процесите и производите што се поврзуваат со современиот начин на живеење имаат негативни ефекти врз животната средина. Државите, вклучително нашата држава преземаат различни мерки и активности за намалување аерозагадувањето, но, домаќинствата повторно се најголемиот загадувач, особено во зимскиот период.
Загадувањето на воздухот е глобална закана што предизвикува штетни последици врз човековото здравје. Студијата за пропорционирање на изворите на загадување на воздухот изработена од Државниот завод за статистика објавена месецов говори дека во Македонија може да се забележи пад на трендот на аерозагадување.
„Тие опаѓаат полека, но не со забрзано темпо.Всушност и самите податоци од Пописот 2021 којшто го изведе Државниот завод за статистика укажуваат дека, ако претходно имавме , според нивните анализи, околу 60% од населението ги загрева домовите со огревно дрво, сега тој процент е паднат на околу 45 % што сепак исто така добринесува за малку подобар квалитет на воздухот. “ – вели Мите Ристов, претседател на здружението „Геосфера„ од Битола. „Во текот на зимскиот период аерозагадувањето потекнува од затоплувањето, без разлика дали се тоа домаќинства или индустрија.“
Државата и општините преземаат различни мерки и активности. На 15 овој месец заврши конкурсот за целосно субвенционирање на климатизери за ранливите категории население објавен од Министерството за економија. Во Општина Битола пак во последните 5 години спроведени се неколку вакви кампањи и акции за промена на енергенсите што ги користат граѓаните. „Во општинските акции за набавка на климатизери, повеќе од 3.390 домаќинства го искористиле правото и со тоа го промениле начинот на греење“, информираат од Општината.
„Тие мерки се добри и треба да се продолжи во таа насо, бидејќи во моментов немаме друга алтернатива, мора да се преориентираме од огревно дрво на инвертер клими, топлински пупмпи, коишто во моментот ни се достапни. Гасификација за жал немаме и тука неможеме ништо да сториме во тој поглед. “ – вели Ристов.
Промените се мали, ама во соработка со природата. Климатските промени кај нас во последните 6-7 години се фактор кој води до промени – нема студени „замрзнати“ зими.
„Огревното дрво ни е некако социјален проблем и сите политички партии одат кон тоа дека не можеме да им го ускратиме, не можеме да им го тргнеме на граѓаните, меѓутоа она што ние апелираме како здружение цело време е дека можеме да го контролираме доставувањето на суво огревно дрво до домаќинствата, бидејќи научните трудови од светот кажуваат дека влажното огревно дрво допринесува за зголемување на концентрациите на ПМ честички во воздухот 3 до 4 пати повеќе. Така што , во најмала рака, ако дистрибуираат јавните шумски пртпријатија суво огревно дрво, очекуваме дека и од тоа ќе имаме неколку пати намалување на загадувањето, барем не со ПМ2,5 честички кои се најстрашни и кои најмногу придонесуваат за негативната појава на разни болести кај човековиот организам. “
„Геосфера“ чиј претседател е професорот Ристов ги следи информациите кои ги објавуваат релевантни извори на информации и ги анализираат. Бројките велат дека иако процесот е долготраен, промени во квалитетот на воздухот кај нас се забележуваат.
И најновиот извештај на Министерството за животна средина и просторно планирање и Државниот завод за статистика вели дека „ Намалувањето на емисиите на јаглерод моноксид во последните години произлегува од намалената потрошувачка на цврсти горива во клучниот сектор, кој најмногу се однесува на согорувачките процеси при примената на огревно дрво за затоплување на домаќинствата и административните капацитети. Сепак, и во овој сектор потрошувачката на огревното дрво постепено се намалува за сметка на поголемата потрошувачка на гас и пелети.“
Аерозагадувањето не е само наш проблем, ама сите мора да пристапиме кон решавањето како да е личен проблем. Во земја во развој, на располагање и се сонцето и водата.
„Забележуваме дека таа транзиција е преку обновливи извори, преку фотоволтаични централи, преку одредена гасификација за овој транзиционен период да може да се фати. За жал гасификацијата споро се одвива и тука не очекуваме дека во блиска иднина нешто ќе се смени. Меѓутоа, обновливите извори како сонце и ветер треба да ни бидат почетна точка од којашто ќе поченеме и ќе го менуваме загревањето. “- вели Ристов, од здружението „Геосфера“.
Според информации од европските извори за добри практики во справување со аерозагадувањето е примерот на Краков од 2013 година – најпрвин властите направиле попис на печки, котли и камини, -субвенционирале замена на 24.000 печки, а мерките им продолжиле до 2019 година.